• Uncategorized

Ненасловена месечева соната

nenaslovena-meseceva-sonata

 

„Кога заврши, седна врз подот. Натажена и задишана. Му погледна в очи. „Што мислиш ти за мажите, Јон?“, го праша. Тој долго молчеше. Со замислен поглед го одмеруваше августовското ноќно небо низ прозорецот. Најпосле ѝ одговори, некако смирено и бавно, но не ја гледаше во очи. Избегнуваше да го стори тоа. „Мислам дека се премногу глупави“, издивна. „Не знам… сите луѓе, во основа, се прости. Многу работи се создадени за да не нѐ потсетуваат на ништо, туку само за да одминуваат и да немаат никакво одвишно значење. Знаењето и значењето, за разлика од виното, може да бидат убави кога се одвишни. Не се прелеваат и не истекуваат, не те тераат да чувствуваш мачнина и мамурлак. Не знам дали суштината на мажите, а и на жените, е да се пердашат и да создаваат бебиња. Не знам ни дали суштината им е да се мразат. И жените и мажите заедно“. Се насмевна. „Жените што ги познавам, некако, се палат секогаш на големите. Така ги викам – големи. Се влажнат на џез-музичари, интелектуалци, богаташи, успешни и славни личности, спортисти. Секогаш големи. Сѐ друго е како му дојде. Дајте му шанса на малиот, викам, знаеш? Никогаш не успеваме, светов работи на веќе познатиот принцип. Мажите што ги знам се натегаат и збрлавуваат по пички стегнати како за на модни писти. И тоа ти е едно исто, трчаат едни по други, прават нешто неискрено. Можеби вака ти зборувам, зашто ги мразам. Не знам. Никој не нѐ знае, зарем не стравуваш од тоа? Кузман вика дека врз сѐ на светов ќе налегне прашина и заборав. И има право. Тогаш, зошто би било сето тоа важно? Зошто би било и важно што мислам за мажите или жените? Може да сме искрени, па да посегнеме по малите. По непознатите. Како јас што сум јазик на ситните, затоа што сум јазик што изумира. Така и ти си балерина што никој нема да ја види како заигрува на сцена. Не знам што зборувам, Сандра“.

„Не е проблем тоа. Проблем е што ми забегуваш со темата. Те прашав што мислиш за мажите“, му рече малку подналутено.

„Добро, ако толку напнуваш“, ѝ рече. „Мислам дека никогаш нема да влезат доволно длабоко во жената. Барем не толку длабоко за да биде доволно да видат каква е вистински жената во која влегле со курот. Тела сме. Кршливи и расекливи. Инаку, душата не ни е залепена. Талка. Или во зениците ни е. Или долу, во отворот на вагината или на пенисот. Којзнае? Ништо нема подалеку од ова тело. Ни срца нема. Закопани се. Останати се само гласовите, зборовите, звуците. Говорот. Тишината. И таа постои. Незамисливото не може да се замисли. Затоа не постои. Затоа не знаеме што е тоа што не постои. Затоа сѐ што можеме да замислиме го има и тука е. Сѐ постои. Пред да постои. И мажот и жената. И бебињата. И хумусната уста што ги јаде. Лица. Тоа и толку. Лица и полови органи, само тоа, и малку вера“, рече и застана за миг, па продолжи откако подголтна. „Разликата меѓу мажот и жената е само еден полов орган подолга. А разликата од маж до маж е колку од една до друга ерекција. Сѐ останато е плитко.“

 

This post is also available in: English