СТАТУА
Утре нема да се разбудам. Не посегнувај по мене
за да го почнеш денот со водење љубов. Не буди се за да ме бараш.
Ќе бидам на улицата по која сите се плашат да чекорат.
Ќе бидам онаму каде што еднаш те поведов
и каде исплашена ја прочита вистината за мене.
Мојот грб ќе се соочи со тебе и мојот поглед со залезот.
Ќе бидам тивок и направен од камен.
ПЕСНА НА ТВОЈОТ ПОГРЕБ
Мамо, те паметам како седиш во задниот двор
лупејќи мандарини и како ми кажуваш приказни,
оние долги приказни кои толку сакаше да ги измислуваш.
Мамо, се сеќавам на денот кога ми кажа
дека ги виде ѕвездите како паѓаат една по една од небото,
толку многу што морето се претвори во море на светилки.
Секоја ноќ, лежејќи буден, се сеќавам како ми рече дека
дождовните капки се иглите за крпење на Марија,
и дека ако ги допрам тие нема да ме прободат;
дека ветрот беше само глас на Бог што пее
и дека громот и молскавиците
беа играчки што ги беше испуштило бебето Исус.
Мамо, те паметам убава како црвени рози,
како јасмин, и нарцис, и маргаритки.
Мамо, го паметам твојот глас брз како виолина
што свири или што молкнува кога одлучуваш да запреш.
По овој молк таа никогаш нема да засвири.
Дури и цвеќињата можат да ја чујат празната тишина.
Сите морски светилки беа згаснати.
Мамо, време е да заминеш. Погледни, некој запалил свеќи.
Некој чека да ти даде букет цвеќе!
Насмевни се. Среќен празник, мамо!
ПЕСНА ЗА НИНА
Еднаш видов се претопуваш во небесното синило,
и во синилото на морската вода.
Еднаш те видов со сина сламена шапка,
и сакав да умрам, и да живеам вечно.
Еднаш сонував – морето ја украде бојата од твоето лице,
и врвовите на брановите ги одзедоа боите на твоите очи,
и реков: нека си ја собере косата како фонтана,
нека нејзиниот поглед плови во безнадежноста на моите очи.
Погледни како дождот паѓа, како во позадина паѓа
хор од подземни жени
што пак ќе се крене во ноќта без месечина.
Погледни, како дождот паѓа, и како со него паѓа
твојот портрет, направен одамна, обоен
со матни бои што капат врз чашата.
ЛИСЈАТА ПАЃААТ ВО ТИШИНА
Одамна научив дека приказната мора сама да се повтори,
дека среде ноќ ти ќе вреснеш,
и ќе ме оставиш полумртов врз постелата
каде убавите духови еднаш дојдоа
и ти ги налегна до себе за една ноќ.
Постои книга во која се испечатени сите приказни
и кога понекогаш ќе ја отворам за да ја читам,
престоени солзи се здружуваат во облик на дрво
со долго, долго стебло што чиниш го допира небото
со сите свои лисја што паѓаат во тишина врз земјата.
ДРВЈА
Велат дека околните дрвја понекогаш чекорат,
дека ја следат патеката што води долу до една река.
Го поминуваат денот гледајќи во водата.
И пак се враќаат по угорницата штом се затемни.
БУРНАТА ВОДА ВО ТВОИТЕ ТЕМНИ ОЧИ
Сфатив од бурната вода во твоите очи,
од твоето колебање во присуство на цвеќињата,
од тресокот на морето што шепоти во твојата уста…
дека ти си уште едно мило дете на ветрот.
Препев
Никола Маџиров
This post is also available in: English