Дванаесет руски поети

5.3.Davanaeset ruski poeti COVER

Руска современа авангарда…

Уште на почетокот, Рускиот ПЕН центар се покажа како извонредна рамка за реализација на овој проект. Екатерина Турчанинова, повеќегодишен заменик директор на Рускиот ПЕН, во договор со раководството на Рускиот ПЕН, чијшто претседател е еминентниот Андреј Битов, го прифати мојот предлог. Овој предлог беше направен во име на Колекцијата за поезија, фикција и есеј „Разноликост“, основана од Комитетот за превод и јазични права на Меѓународниот ПЕН во 2003 година. Екатерина Турчанинова работеше на изборот во текот на 2013 и на самиот почеток на 2014 ни го испрати нејзиниот избор „Дванаесет (современи) руски поети“. Само тројца од нив припаѓаат на постарите генерации (Ина Лисњанска [1928], Евгениј Рејн [1935], Олег Чухонцев [1938]), додека другите деветмина се родени по Втората светска војна: Владимир Алејников (1946), Јуриј Кублановски (1947), Алексеј Аљохин (1949), Ефим Бершин (1951), Сергеј Гандлевски (1952), Олесја Николаева (1955), Евгениј Чигрин (1961), Виктор Куле (1962) и Максим Амелин (1970). Потем се договоривме со Тања Урошевиќ, таа да го направи препевод од руски на македонски јазик. Тања, врвен македонски писател (со руско потекло), познавач на руската книжевност, култура и јазик, и без сомнение најдобар книжевен прведувач од руски во Р.Македонија, се посвети на преводот на руската поезија.

Кога би требало да се каже нешто битно и нешто концизно за поезијата на дванаесетте современи руски поети застапени во оваа книга, тогаш најнапред би требало да се подвлече токму тој факт, дека руската поезија и денес, а не само на почетокот на 20-от век, го негува меморискиот принцип (памет, сеќавање, интертекстуален архив), но и ги отвора празните неиспишани страници за нови содржини, нови јазично – стилски постапки и поетики. Значи, не само во епохата на модернстичките авангардни движња (футуризам, акмеизам, заумна поезија), туку и во епохата на постмодернизмот, руската поезија живее е двојно интонирана: таа води емотивен дијалог со современоста/стварноста, но не престанува да разговара со минатото и со духовното наследство (јазична, колективна меморија, архетипски обрасци). Оттаму доаѓа слоевитоста на поетските искази и стилските матрици, фасцинантноста на асоцијациите, алузиите и симболите. Оттаму произлегува автентичноста на поетската комбинаторика и деликатноста на светот на песната.

Современата руска поезија, прикажана низ овој мал, ама мошне индикативен избор од дванаесет поети, содржи бројни рефлексии врз противречната руска историја на 20-тиот век. Руската поезија на втората половина на 20-от е поетска историја на идеи и чувства со руски предзнак и вропски прелив. Таа претставува облик на фрагментарна, лична и симболична варијанта на руската национална и културна историја. Тоа е особено значајно затоа што неколкумина од застапените поети се парадигматични за чинот на граѓанската резистенција во долгите години на ограничени човекови права и репресија (до 90-тите години), а другите неколкумина (поети) се профилираат во периодот на социјалното, политичко и културно многугласје (полифонија, хетероглосија). Таквата противречна егзистенцијална, емотивна, духовна и идејна предлошка се одразува, на специфичен начин, во индивидуалните опуси на руските поети и го обликува нивниот творечки идентитет. Таа предлошка придонесува шармот на руската поезија да биде едновремено, блескав и меланхоличен. Духовит и ироничен, обележан од прониклива критичност и самокритичност.

Дел од предговор КАКО ДОМА од акад. Катица Ќулавкова, кон поетската книга „Дванаесет руски поети“ во издание на ПОЕТИКИ,2015.
Скопје, 17 февруари 2015

 


ВЛАДИМИР АЛЕЈНИКОВ (1946)   v.a

 

ОД КАДЕ МУЗИКА ПАК ДА СЕ ВИВНЕ

Од каде музика пак да се вивне ?
Оттаму, од каде што, на препад,
секогаш ќе се крене, ќе пливне,
не често, но сепак, сепак.
Од каде да дојде таа, кажи ?
Нејсе, во пристанишниот мрак,
светилките се како стражи
покрај котвата – двојниот знак.
Шепни ми: од каде таа плови,
како оркестар или флота,
создавајќи значења нови
што во убавина ќе се сплотат.
Не потшепнувајте – мене ми е знајно
она што на другите не им е гледно –
музиката со ука полна тајност
речта и судбината ги соединува ведно.
Ведно сме со неа и, пловејќи така,
кон небесните сфери полека се нишам,
жив сум и ја праќам пораката
дека сё уште воздухот го дишам.
Го голтам ветрот кој мириса на тага
и кон Месечината очите ги кревам,
сите лаѓи што низ ширта оставале трага
кон мене сега се пореваат.

Давениците од океанот разбрануван и бушав
по палубите од бродовите воскреснати се веат
и, во име на бесмртната душа,
својата нема песна безгласно ја пеат.
Песната расте и нејзиниот одек се крева,
таа со значење и со смисла дрочи,
низ неа се открива суштината древна
за звучењето низ времињата кои течат без почин.
1991

 

ВО ПРОВИНЦИЈА, КОГА ТОПОЛИТЕ СТРАДААТ ОД БОЛЕСТ

Во провинција, кога тополите страдаат од болест,
кога светлината е згасната, прозорчето отворено,
ќе живеам таму каде што жици минуваат низ поле,
каде што летањето на ластовиците е изморено,
ќе живеам во провинција, во март, крај некој јаз,
каде што нешто постојано ѕвони,
но тоа се само парчињата испокршен мраз,
а им одговара облачето што ветрот го гони,
каде што врапците и чуварките спијат,
и моите стари песни, како молба плачна,
во една гровната куќарка се кријат,
каде што гулабите се како тапети во соба мрачна,
ќе живеам сё додека не се стопи снегот,
додека стихозбирката не биде прочитана цела,
додека живеат и насон се поплакуваат бегло
изморените чуварки со крупни, меки тела,
додека се заледени жиците и речната тиња,
додека живеат другарите а саканата ја нема,
додека градините молчат, оковани в сињак,
и додека пролетта сё уште се спрема,
додека жиличките врз слепоочниците тлеат,
додека земјата не се споредува со синото небо,
додека рацете бараат со други да се слеат,
и би ја споделил тагата како што се споделува лебот,
ќе живеам додека наоколу живее тоа поле,
каде што е згасната светлината, а прозорчето е отворено,
кога во провинција тополите страдаат од болест
и летањето на ластовиците е изморено.

1964

 

ВО ЈУЛСКА НОЌ СЕ СЕТИВ НА ТЕБЕ, ВО ТЕМНИНАТА

В јулска ноќ се сетив на тебе, во темнината,
на тебе што ми беше утеха куса,
во облакот на тагата, во пленот на добрината,
поинакви цвеќиња ми даде да вкусам.
Туѓа во сите огледала на светов,
што ги навредиле одразите твои,
ти одново ги откри крилјата и летот
и сега од јасновитките веќе не се двоиш.
Да не те повикував кога бев во самотија,
таму каде што пенушките по стеблото тажат,
двојни сенки врз Месечината се сплотија
а за блискоста со ѕвездите дождовите лажат.
Бисерот тагува во некој кат темен,
кога врз врелото тело веќе нема престој;
откако си замината поминало време
а за спомени останало и премногу место.
Небото е полно со чудесни глетки,
Небаре ѕун априлски се шири, пролетното време,
си пишуваш писмо, додека мракот плете плетки –
некаде – од Делфт, од кај Вермер.
1977

 

РОЗА ВО ДОЖДОТ

Штом ќе се соземам и ќе сфатам
дека ненадејно завршил тој миг
и, како на некои стари и нејасни платна,
дека одново си ми недостиг.

Штом ќе погледнам – бара влез
чувството за крајот што е без дно;
подобро врз дланката вдлабни рез,
можеби луњата таму има гнездо?

Но натаму – не знам ни самиот кога –
можеби во синџирот на разделбата –
ќе ме допре како дар богат
жестокото име на желбата.

Ти си роза во дождот што плиска,
на разделбата ти си слика расплакана,
слична на свеќата чијашто искра
прсна и ми ја изгоре раката.

Ти си ангелско пелтечење во сонот
што го лекува измачувачкиот шепот,
кога се роди во мене оној понор
кој води кон одречување слепо .

Со кого да те споредам би можел,
тебе што на толку приказни си виновничка?
Но за срцето нема такво хируршко ноже
што ја лекува болеста толку необична.

Поткрени се од ова потпевнување темно –
доста ја трошиш бајковитоста од сказна –
уште од корен престани, немој
за штуркањето на штурецот да бараш казна.

Во него е хорот кој ја слави денес
твојата доцна убавина, твоето лето,
за да останеш дел од чудесниот венец,
непомрачен од времето елмаз-камен светол.

1978

 

ЕВГЕНИЈ ЧИГРИН (1961)e.ch

 

ВИОЛЕТОВАТА БОЈА НА ФЕОДОСИЈА – ПРИМРАК…СВЕТИ СВЕТИЛКА

Летечката виолина на берберот…
Осип Мандељштам

Виолетовата боја на Феодосија – примрак… Свети светилката
На симпатичното кафё крај ајвазовското море.
Одвреме-навреме галебите своите глупости ги викаат –
Запенетите бранови се како порцелан куп искршоци сторен.
Во незадолжителната Химерија треба полека да ги пиеш,
Голтка по голтка, тие црвени вина што богатства вредат,
И да се искачуваш, небаре по нагорен пат скриен,
По строфите на поетите кои тука оставиле следа.

Поточно – ја скриле во зборот тажната глетка
На загреаните камења и на степата во јадри бои,
Животот со кавкаско лепче и виолината на берберот што летка…
И што, што уште? Кој сето тоа ќе може да го спои?
По ова сокаче скитал мечтател и на лажговците брат,
Најневиниот пијаница, мореодец што по копно брзал,
Молчаливиот Гриневски на својот сончев и пеколен пат:
Галериска 10, каде што животот без милост го врзал.

По сокачево одел, густите грмушки ги гледал,
Виолетовата боја, најсмирувачка на светов…
Нека се полни чашата, да ја кренеме за буквите кои се редат,
Немаштија за немаштија, за музиката што ја разбира ветрот,
За случајниот живот, за пристаништето што го испраќа бродот,
За празната крчма во Кафа што багремов цут ја плиска,
За модрото море: на медузата , на актинијата, на јодот,
На пиратските закопани азна, на елмазите, злата, бисерната ниска!

 

МАКСИМ АМЕЛИН (1970)m.a.

 

ТИ ДОЛГО ОДЛЕЖА ВЗЕМИ БЕЗРАБОТНА

Ти долго одлежа вземи, безработна,
бесполезна, и најпосле ти заѕвони
часот – се разбуди, ја крена главата
тешка, го исправи здрвениот рбет,

зачкрипеа, спукаа пршлените – молњи
секакви, за смртникот страшен гром
грмна, наеднаш стрепери небото,
крупен град, истурајќи овални камења,

кои во летот се претвораа во остри
издолжени капки, што личат на зрна,
кои сакаат да про’ртат сеедно
во што: дали во смарагдна трева или

во кафена шума, или во уште некој
троскот. – Ти долго одлежа вземи,
безработна, бесполезна, – но ете,
ти чесно си го дочека времето, –

зашто подобро е да си го отспиеш,
со цврст сон, мирно, сиот свој краток век,
отколку в мрак да талкаш со ситни чекори
по ребрестата површина потамина,

спрепнувајќи се, смеејќи се весело,
проповедајќи: „Сё е убаво, прекрасно!“ –
зашто, всушност, те викаат и без
да ти го знаат вистинското име, река – реч.

 

„ХРАМОТ СО АРКАДА“

Во Судакска тврдина, ако од Главната
порта – налево – до лактот на ѕидот –
и нагоре, на прв поглед безработен
зјапач, нема да забележи ништо особено,
на столбот кој боде како заб во уста
единствен и на куполната полутопка

по-над каменот ситно изрезбарен,
тоа е дом Господов, каде што се редат
со молитви тивки во отворените усти
еден по друг, како бранови на брегот:
бликаат од дивите сурови степи
послушниците на Мухамедова вера

да пеат: „Ла иллаха илла-Лла“ развлечено;
по несигурниот од Лигурските пучини
пат носечките уметност дојденци
својот строго јасен „Патер ностер“
ќе го повторат на изумрено наречје;
Со „Шма Израел“ изгнаници на далечна

земја, потпирајќи се врз свитокот,
чиишто букви можеш да ги изброиш на прсти;
освојувачите на простори на суво
и на море, кои „Оче наш“ велејќи
ќе им се доверат на куки и знаци;
а директните наследници на простите

писанија на Мартин страшниот со „Фатер унзер“;
почитувајќи го Вишниот како најприроден,
оние од, развратните, кај стариот пристан
на Ное, засолништа, за страсно
„Хајр мер“ да викаат со љубов кон тагата,
со којашто низок ум не може да управува, –
сите некогаш биле тука, а сега –
во музејот отворен од осум до осум,
полн со фрески, михраб и многујазични
натписи по ѕидовите, влезот е слободен,
а Господ подеднакво ги слуша молитвите
на целото разединето човештво.

 

СЕКОЈ БОЖЈИ ДЕН ОСВЕН ВИКЕНДИ И ПРАЗНИЦИ

Секој божји ден, освен викенди и празници,
кога без потреба нема особена смисла
да се тргнува од дома накај центарот,
со неподнослив чкрипот, ‘ркот, кркот,
писок и ѕвекот, кој гребе и длабоко ги пара

ушните мембрани, со луда брзина
подземниот воз вообичаено ме носи
покрај истото она место, меѓу Автозаводска
и Павелецка, каде што мојот не најблизок пријател,
тивок семеен човек, какви што тешко можеш да најдеш,

другар за чашка и страстен книгољубец,
кој со чесен труд ни грош не ставил настрана,
Борја Гелиптер (спомени го во молитви, ти што живееш!)
беше парчосан во експлозијата на шести
февруари две илјади четврта од раѓањето
на Христос, во петок, во осум и триесет и две минути,
кој се возел на работа во утринскиот час пик,
и не помислувајќи дека, кутриот, педесет и четири
дена до четириесет и третата насретсреде
да го погоди (о бесмислена случајност!) му е судено,

и ми паѓаат на ум ту клетви полни гнев:
„Оние, кои без да трепнат ја дале страшната наредба, и оние
кои, сфаќајќи и знаејќи што прават, ја извршиле,
да немаат мир ни на оној, ни на овој свет,
ни во студени гробови, ни во врели постели

телата да не им заспијат, а душите да им бидат казнети!“ –
ту смирени мисли дека не му е достижна на
човечкиот разум небесната промисла тајна
и попусто е да ў пријдеш со земна мера,
дека раѓањето на смртните, животот и крајот се во раце

на Творецот, кој сите блажени Свои ги вика назад:
„Благословен да е оној Јас што го љубам!“
ту насетувања матни, небаре, општоземено
се покажа дека филозофот има право и точна
бројка ќе притреба за воскресението што следи,

ќе може да се пополни одовде, и за негирање на
горчливи зборови на друг мислител да се тврди
дека поезија по Освиенцим и ГУЛАГ, по крвавите
револуции и војни, по Хирошима, Багдад, Њујорк
може да има, но каква? – којзнае, – можеби ваква.

 

МНОГУУСНА, МНОГУЈАЗИЧНА, МНОГУГРЛЕСА ВРЕВА

Многуусна, многујазична, многугрлеста врева,
ечејќи широко, навлегувајќи длабоко, стремејќи горе,
ги полни душите со ужас, ги обгрнува со страв,
ги стреперува сите од умрените до неродените:
што се случува? што снемува? што се раѓа?

Секое суштество во вселената со проѕирна плот
ја сеќава пробивната светлина, која доаѓа од никаде,
од ништожна неподвижна точка, која остро око
не може да ја види во вирот на лица и настани,
но таа има и одговори на прашањата, а има и надеж.

Препев од руски на македонски јазик: Тања Урошевиќ

Поетската книга „Дванаесет руски поети“ во издание на ПОЕТИКИ, може да ја најдете во сите книжари во Скопје.

This post is also available in: English