Во спомен на Васко Попа
Во спомен на Десанка Максимовиќ
I
Која е таа што од Ѓурѓовден натаму
Кралица на пролетта ќе се вика ваму
Која е таа во зелен плашт што ќе биде
Најубава момичка било кога видена
Која во бозел и врби ќе се вдоми
Најубава мома меѓу сите моми
И со коси полни цут која оваа пролет
Најлична ќе биде мома на цел свет?
Ој Додо Дојди поведи ја
Пеперутко Пеперунико
Ој Додо Ој Додо ле
II
Која ли ќе биде нашата Додолка
Која ќе биде дождовна девојка
Која ќе ни биде летна Ладарица
На бавчите бујни и житата чуварица
Која Пеперуника Пеперутка ќе стане света
Која над цвет од перуника и лилјаче ќе лета
Која друшка на Дажбог – Перуна
Од јорговани која ќе има круна?
Ој Додо Дојди поведи ја
Пеперутко Пеперунико
Ој Додо Ој Додо ле
III
Која мома најлична некогаш родена
цвет прасков ќе носи дрен гранка водена
Која ќе ги научи говорите тајни
на врбите дабовите и брезите сјајни
Која од пчелите и чучулигите благословена
Како крошна ќе разлиста и к’о расна жена
Која златното доба нам ќе ни го врати
Во плашт од јавор која пред нас ќе стапи?
Ој Додо Дојди поведи ја
Пеперутко Пеперунико
Ој Додо Ој Додо ле
IV
Која на ѕуницата форма ќе и’ врати
Која од грмушки ѕвон до небо ќе прати
Која низ ливадски цветови и зумбули
Врбови гранчиња ќе вовира ќе гули
Зимзелени крај патот лаври и шимшири
Цут на цреши бели и црвени црешoви лири
Плетенки цветни во коси која ќе носи
Зелени венци во потоци која ќе роси?
Ој Додо Дојди поведи ја
Пеперутко Пеперунико
Ој Додо Ој Додо ле
V
Која ќе се ниша без престан саноќ
Со роса лице ќе си мие на изгрев рано
Со друшките која ќе танцува верни
Облаците да ни пратат дождови смерни
Сега и за навек на полјаната наша жедна
Да ни го благословат трудот и потта ледна
Која ќе ни дари бериќетен златен плод
И мерка права ќе најде за нас летен род?
Ој Додо Дојди поведи ја
Пеперутко Пеперунико
Ој Додо Ој Додо ле
VI
Која џунџулиња ќе реди по нашата река
На смртта Чистителка На живот Дарителка
Која во потокот лилјачиња ќе плиска
Од сенките тевни ќе наниже ниска
Која со вез од божур извори ќе свие
Нишан за секој образ смртта што го крие
Која со латици води ќе ни краси ќе мèрка
Чија е таа ќерка чија е таа ничија ќерка?
Ој Додо Дојди поведи ја
Пеперутко Пеперунико
Ој Додо Ој Додо ле
VII
Која со јоргован порти ќе ни кити полека лека
На смртта која ќе и`каже да здивне да чека
Врз кровот која ќе фрла ќе нафрла невен
На животот која ќе му каже жива сум еве
Која крстот ќе го крене од незнајниот гроб
На бедниот просјакот на неоткупениот роб
И која ќе го измие со вода чиста бистра
Чија е таа ќерка таа лична ќерка монистра?
Ој Додо Дојди поведи ја
Пеперутко Пеперунико
Ој Додо Ој Додо ле
Препев: Лидија Николова
This post is also available in: English