Осврт кон филмот „Everest“

12571227_10207146787059618_2134027554_n

режија: Baltasar Kormákur
сценарио: William Nicholson, Simon Beaufoy
жанр: авантура / драма / биографија
времетраење: 121 min

 

        Во услови на хиперкапитализам секој аспект на животот е искористен, сведен на производ и ставен на продажба. Сите аспекти на животот, културата, уметноста, спортот, целокупниот спектар на интереси на младите, контракултурата, па дури и екстремните спортови, панкот и андерграундот, кој се наменети само за „избраните“, се сведени на производ и понудени на пазарот, а како целна група имајќи ги истите оние од кои тие аспекти и интереси произлегле. Сето тоа со единствена цел – профит.

      Денес е веќе сè видено и изживеано. Просечниот купувач отапен од енормните дози пропаганда од сите можни медиуми е веќе имун на стандардните дразби. За генерациите воспитани со бруталните сцените на војни следени во реално време, бизарни реални шоуа и крвави видео игри, нема ништо што би ги изненадило и во потрага по возбуда спремни се на сè, па дури и на најекстремното и најбруталното. Со цел да се прилагоди на тие потреби и да продаде, пазарот треба да понуди што е можно поужаснувачки и поекстремни дразби.

       Од друга страна, кога духот на времето е во криза, како што тоа експлицитно се чувствува во моментов, особено од аспект на естетиката и културата, конечно, ако сакате и културната индустрија, обично се случува ревајвл на одредени вредности од минатото.     Будејќи ништо ново пред нас во естетиката не е  на повидок, се случува постмодерно бриколажирање на различни вредности, од различни времиња, создавајќи со тоа еклектичен спој на навидум неспоиви естетики, кој во вакви услови и за претходно споменатите генерации изгледаат сосема нормално и прифатливо. Без да навлегуваме во подетална експликација на овие параметри во целокупната култура и естетика, зборувајќи конкретно за филмот (особено оној комерцијалниот), тоа се манифестира преку преџвакување на разни стриповски приказни со суперјунаци, митови или правење на римејкови на веќе култни филмови, филмски интерпретации на култни романи, создавање на серијали со продолженија до бесконечност и сл.

        Во контекст на сето ова, очигледно се наоѓаме во момент кога се јавува потреба за екранизирање и на некој екстремни подвизи и случки кој досега биле поле на интерес само на одредена поспецифична целна група. Така, по којзнае кој пат, овој пат во секако малку пософистицирана интерпретација, употребувајќи ги технолошките и кинематографски инвенции, доживуваме да погледнеме екранизирање на искачувањето на Еверст, со акцент на една од најголемите несреќи случени на експедиција воопшто.   Сепак во целиот процес на комерцијализација на големите искачувања на ниво на туризам, не е ни чудо што и искачувањето на Еверст конечно се најде на филмското платно. Не дека досега немало планинарски или алпинистички филмови со висока продукција, но сепак сите тие биле насочени во рамките на потесната ниша на посветеници, прикажувајќи се по специјализирани настани или фестивали. Еверест е филм кој според начинот на кој е направен и на кој е прикажана приказната е наменет за најшироката публика желна за силни дразби. Кон сето тоа додајте ја и помпезната маркетинг кампања која ја дополнува комерцијалната слика на целиот производ.

       Се работи за вистинита приказна изградена во најголем дел врз основа на книгата “Into Thin Air”, која од прва рака ја опишува катастрофата на Монт Еверест од 1996 година, но исто така и од други книги за таа експедиција и секако интервјуа со преживеаните.

       Се случува на 10 мај 1996, кога планинари од две експедиции се упатуваат кон Еверест, го освојуваат, но на своето враќање се судираат со една од најсуровите бури која целосно ги проголтува. Соочени се со најжестоките услови во кој мораат да ги издржат неверојатните ветришта и смрзнувачките температури, за да го преживеат симнувањето од врвот.  По сè, очигледно е дека планинарите се неискусни, правејќи погрешни одлуки во сериозни и опасни услови, а токму тој наивен туристички порив и играњето со моќта на планината ќе ги чини глава. “Планината го има секогаш последниот збор” е една од репликите во филмот.

        Сценариото секако не ги покрива сите аспекти од експедицијата, ниту пак поголем дел од рутата кон врвот, на сметка на одредени детали кој ја збогатуваат приказната. Покрај екстремноста на случките, и нормално грозните, но реални слики, простор е оставен и за меѓучовечките односи кој даваат попатетична и холивудска димензија, но и на комерцијализацијата на високогоските експедиции особено на искачувањето на највисоката точка на планетата, сведувајќи го авантуристичкиот порив единствено на малку поекстремен туризам за богатите. Тука се прикажани сите аспекти кои е потребно да се поклопат за да воопшто бидете дел од некоја ваква експедиција, а тоа се не само вашата лична подготвеност, временските услови, туку и финансиите (65.000$ по човек) кој треба да ги најдете пред да помислите на било каков подвиг од ваков тип.

         И покрај очекувањата за некаков холивудски хепиенд, тоа нема да се случи. Жената на водичот во агенцијата Роб Хол, сама ќе го дочека раѓањето на своето дете, Јапонката Јасуко Намба нема да ја искачи својата осма осумиљадарка, ниту пак поштарот Даг Хансен ќе успее во намерата да докаже дека соништата се остварливи и за обичниот човек. Таква е реалноста. Сурова. Затоа овие ликови не се големи херои, туку само жртви не само на суровоста на планината, туку и на наивната желба за остварување на своите 5 минути слава и на невкусното комерцијализирање на посетите на Небеската мајка. Единствениот кој нешто ќе ќари од целата несреќа е можеби новинарот Џон Кракауер по чија книга е делумно направен и самиот филм.

          Сепак Еверест и покрај својата комерцијална интенција, не е наивен филм, од аспект на реалноста и сликовитоста на прикажување на работите, а од него можете да добиете приближна слика за тоа какви се условите на високите планини или пак што се случува воопшто на овие водени високогорски тури. Па дури и доколку не сте планинар  кој ја искусил вистинската планинска зимска атмосфера, може да ви даде дополнителна претстава за суровоста на планината. За разлика од претходните филмови на оваа тема, приказната ја кажува доста по вивидно и јасно.

      Дополнителна доза реалност дава тоа што филмот не е снимен само во студио, туку и на реални локации во Непал и Доломитите, со цел да го извлече максимумот од актерите, а во контекст на доживувањето и атмосферата. За среќа, поради екстремноста на случувањата, очигледно немало потреба и од дополнителна холивудска акција за поддршка на драмата, што го прави филмот доста по близок и веродостоен. Очигледно режисерот сфатил дека за возбудливо прикажување на искачувањето на Еверест и катастрофите од овој тип, воопшто не е потребно преувеличување на приказната, а самата драма е доволно возбудлива, да не дозволува холивудско пумпање на акцијата.

       3D аспектот на филмот дава и уште една дополнителна длабочина на пејзажите и димензија на моќност при застрашувачките ветришта, огромните краваси и глечери или величествените врвови, кои просто можете да ги почувствувате. Иако можеби на почетокот самото гледање бара малку повеќе концентрација додека не се прилагодите, за брзо време погледот ќе го усогласите со амбиентот прикажан во 3D, а можеби ќе ја активирате и вашата акрофобија. Не знам колку оваа технологија би била соодветна за некоја просечна драма, но овој филм и темата воопшто, се можеби најсоодветните за примена на оваа технологија.

         Конечно, врвот Сегермата (за оние кој живеат на Непалската страна) или врвот Џомолунгма (за жителите на Тибетската страна), би требало да биде последното место каде западњаците треба го манифестираат својот колонизаторски менталитет за освојување и потребата за докажување. Треба да е последното место каде туристите ќе ги  исполнуваат наметнатите потреби за екстремна возбуда, зголемен адреналин и силни дразби или ќе ја расфрлаат својата опрема и отпад по камповите кој веќе наликуваат на мини градови. Кога Кракауер ќе ги запраша планинарите зошто го искачуваат Еверест, ретко кој од нив знае веднаш да одговори на прашањето. Тоа кажува многу за искреноста на поривот за искачување на 8.848-те метри, но и зошто планината се однесува така како што се однесува во последно време.

***

        За време на снимањето на филмот, кој се однесува на најголемата катастрофа во регионот на Монт Еверст, се случува и големата лавина во април 2014-та, кога загинуваат 16 луѓе, а загубата е поголема од онаа во 1996, врз основа на која е снимен филмот. Поради тоа снимањето требало да биде одложено.

 

 

 

This post is also available in: English