Oчи со боја на чевли

pece-konecna

 

„Легнат на црн кожен тросед во психијатриската ординација, Нестор се обидува да се сети како се најде на тој погреб. Неговата психијатарка Марта, млада и успешна жена, му кажа да се сети на секој детаљ од погребот за да можат да го евоцираат проблемот.

Нестор е писател. Зад себе има неколку неуспешни романи. Неговиот роман Ние пред дваесет и пет години беше прогласен за најдобар роман, а неколку месеци подоцна Нестор заради романот беше обвинет дека работи против државните интереси. Неговиот роман и во мигот на прогласувањето за најдобар роман и во мигот кога Нестор  беше обвинет дека работи против државните интереси, беше сосем погрешно разбран. Тоа беше автобиографски роман кој зборуваше за неговото мачно детство поминато со неговата грбава тетка. Многу критичари сметаа дека во грбавата тетка се крие некаква симболика, па романот го прогласија за еден од најдобрите романи во последните педесет години. Симболиката набргу ја откри  власта која мислеше дека романот е побуна против неа и дека Нестор со романот сакал да каже дека маченото дете е народот, а грбавата тетка е лошата власт која го малтертира детето, односно народот. Во тоа време власта се сомневаше во секого и во сè. И покрај обидите Нестор да докаже дека е погрешно сфатен, дека во романот нема никаква симболика, никој не му поверува. Дури ни грбавата тетка која во тоа време сè уште беше жива. Нестор набргу по обвинувањето дека работи против државните интереси  беше осуден на осум години затвор, од кои одлежа шест, а од другите две беше помилуван поради доброто поведение. По падот на тој режим, новата влада го рехабилитираше и повторно му ја врати старата репутација „најдобар писател во последните педесет години“. Но, Нестор  беше свесен дека не е тоа и сакаше оваа грешка да ја оправда пред идните поколенија и да напише вистинско ремек-дело. Но, не само што не напиша никакво ремек-дело, туку тој по судењето немаше напишано ниту една реченица.

По обвинението дека работи против државните интереси и шесте години затвор, Нестор  страдаше од параноја, постојано имаше чувство дека некој го следи. И така, легнат на црн кожен тросед, небаре лежи во мал брод кој треба да го однесе од средината до почетокот на морето, Нестор треба да се сети како се најде на тој погреб. Со покојната не се познаваше, како ни со другите членови на нејзиното немногубројно семејство. Во еден миг, кога помисли дека никогаш нема да се сети, пред него се отвори сеќавање како кога ѕиркате низ клучалка во непозната соба и наеднаш се отвора цела врата пред вас. Нестор можеше да види како една жена оди пред него и во рацете носи црни каранфили замотани во бела хартија. Нестор ја сакаше таа хартија. Тој имаше чувство дека токму таа бела хартија ќе му ја донесе среќата, на неа ќе ја напише првата реченица од романот која толку очајно му беше потребна. Но наместо да заврши со хартија во рака, Нестор заврши во капелата каде што одеше жената. Но, и покрај сè, тој не се откажуваше од хартијата. Во еден миг кога помисли дека најпосле во гужвата ќе ѝ ја извлече белата хартија, пред него се испречи еден крупен маж кој ѝ ги зеде каранфилите на жената. И тогаш, Нестор почувствува како некој го набљудува. Тој се плашеше да погледне и тргна кон излезот. Како што одеше тој, така по него одеа очите и го набљудуваа. Ете, оттогаш Нестор имаше чувство дека некој го набљудува.“

This post is also available in: English