Од Eidos кон Eros[1] или сеќавање за една друга метафизика

Josip poezija cover recenzija

 

Поезијата на Јосип Коцев, во збирката „Напишана тишина“ (ИЛИ–ИЛИ, Скопје, 2016) не е ништо друго ами сеќавање за една веќе добро позната друга метафизика. „Пеењето наспроти мислењето“, што Е. Шелева го даде како почетен конструкт во својата анализа за нивната фундаментална врска во „Небиднина“ на Ацо Шопов, она што впрочем и Ќулавкова го нарече „синоним за поезијата на Шопов“, или Клетников ќе рече дека „Небиднината е архетипска слика за судбината на човекот“, тоа е всушност (Не)напишаната тишина на Коцев. Неможноста – да – се – биде кај Шопов кореспондира литерарно со Неможноста – да – се – напишетишината т.е. зборот во својата автентична форма и својства, бидејќи и нема автентичност кога е во корелација со други тишини, т.е. зборови –кои – ги –нема.

Поезијата на Коцев е игра на авторот со логичката припадност на својствата на елементите во еден реченичен исказ. Она што воодушевува е всушност постапката на давање други, метафизички својства на предметите и апстрактните именки надвор од логично-дадените или возможно –интерпретираните. На тој начин го тера Читателот да застане, да земе здив меѓу стиховите, меѓу зборовите во еден стих, меѓу својствата на еден и друг збор во една поетска синтагма, меѓу два различни и навидум неспоиви симболи…почнувајќи од една идеја и завршувајќи го делото со сосема некомплементарен елемент, понекогаш и спротивен и неочекуван во својствата што ги носи со себе.

NT high

Секој збор е знак и како таков се состои од свој „сетилен дел“ (акустичка слика кај Сосир) или ознака и „евокативен дел“ т.е. означено. Во рамки на оваа бинарна структура на зборот, Коцев фабрикува нови знаци, т.е. одредени акустички слики од еден знак ги става во рамки на друг знак, ги меша својствата на знакот и ја менува значенската, симболиката вредност што ја носи тој знак сам по себе, без да биде ставен во контекст со други знаци и во други дела.

Неговиот поетски јазик поседува својства кои треба да се набљудуваат сами по себе и препорачуваме дури и да се следи развојот и степенот на „очудување“ кое го иницираат кај читателите. Се разбира, метаморфоза на изразот кога –тогаш ќе настане, затоа е потребно да се биде во можност да се следи и да се утврди точката на пресврт што довела до тоа.

Роман Јакобсон ја дефинира книжевноста како „организирано насилство кое се врши врз обичниот говор“. Токму тоа Коцев го прави со сопствениот јазичен израз, трансформирајќи го до степен на непрепознатливост, очуденост, невообичаеност и отстапка од вообичаениот говор. Книжевноста всушност се состои од тие отстапки, но овде Коцев излегува комплетно од сите поетски изразни шеми. И тоа е тоа на што всушност поетот треба да внимава – доколку ваквиот начин на пишување поезија стане шема по која го структурира неговиот јазичен израз, истото може да стане опасност по читаноста на поезијата заради можното „пробивање на кодните рамки“.

Шкловски вели дека не сите уметнички текстови го очудуваат јазикот, некои од нив постигнуваат очудување или “ostranenie” преку композицијата и нарацијата.

Ова очудување се користи во книжевноста на тој начин што го поттикнува читателот да мисли на тоа како би можело да се сфати обично напишаното дело во врска со обичното животно искуство на еден поинаков и подлабок начин. Кога зборуваме за очудување во литературата, говорот не може да се разгледува одделно во детали. „При рутината на секојдневниот говор, нашите видувања и одговори на реалноста стануваат застарени, тапи и, како што би кажале формалистите, автоматизирани“. Книжевноста, преку тоа што нé турка во драматичната претпазливост на јазикот, ги освежува обичните одговори и ни овозможува објектите да бидат повидливи (Иглтон Т. „Што е книжевност“).

Јакобсон издвојува шест комуникациски функции, секоја поврзана со еден аспект од процесот на комуникација:

                                                      Содржина

                                                  (референцијална)

                                                               |

Испраќач   ____________________ Порака  ______________    Примач

  (емотивна)                                (поетска)                             (конативна)

                                                               |

                                                           Канал

                                                       (фатичка)

                                                               |

                                                             Код

                                                    (метајазична)

Каде е искомуницираната порака? Пораката во поетските текстови кај Коцев е зад стиховите, впишана во (не)формалните релации на структурните елементи на изразот/реченицата. Оттаму, нема видлива материјална порака, туку „ненапишана“ имплицитна и содржана во еден процес на транслитерација на мисли во текст, букви во глас, симбол во слика…итн.

Неговата поезија ги руши сите политики на „прв впечаток“. Таа бара навраќање во континуитет со цел нови доживувања на искомуницираното. Ако естетиката на XVIII век нудеше трансформација на прагот на очекувања на читателот од болка кон катарза и задоволувачки искуства, овде напротив, терапевтското дејство на функцијата на едно уметничко дело е незавршено доколку нема читател кој е активно вклучен во процесот на читање. Поезијата на Коцев е несмирена болка, која нема свој лек и го тера читателот на ангажираност до степен на континуирана стимулација.

И добро е што Коцев одбрал поетски јазиk и стихувана форма на израз. Во такви постапки и со таков интензитет, формата само му помага на изразот да го контролира она што е стимулирано. Структурата на едно дело е само механизам за канализирање на изразот. Во овој случај, прашање на време е кога тој израз ќе сака да се излие од каналот и да се прошири во својот тек и дали Коцев ќе успее да го исконтролира соодветно на Јакобсоновите фунkции на јазикот?!

м-р Лилјана Пецова –Илиеска    
магистер по филолошки науки
Скопје, 22.01.2017
__________________________________________________________________________

[1] Инверзија на насловот на Шелева за поезијата на Ацо Шопов во „Небиднина“ (заб. на авторот)