Колку е значајна улогата на ЛИКОТ во наративните постапки или каде оди развојот на ЛИКОТ во еден македонски роман?!

typewriter-801921_640

 

Поставката на ликови во романот „Другата“ од Марија Лозаноска, наспроти расказното дејство се чини дека наликува многу повеќе на бајка, отколку на еден реалистичен роман. Доколку авторот сакал да прикаже лик, кој се бори со својата шизофренија, длабоки психологизации на истиот отсуствуваат во голема мера. Присутни се единствено преку една друга наративна линија која оди паралелно со случувањата во романот. Тоа е и графички издвоено, наведувајќи го читателот на решенијата кои го очекуваат кон крајот на книгата. Таа графичка изделеност, во рамки на својата метафоричност и богатство на јазичен израз, во суштина многу подобро е изведена и срочена и во голем дел го вади текстот од (волшебната) магла во која се доста згуснато се задушува.

Единствен принцип кој го води ликот е ДА (НЕ) СЕ БИДЕ – Другата во себе – и самиот наслов веќе експлицитно ја навестува борбата на главниот лик, но искрено, очекувавме многу поголеми психологизации и внатрешни борби на главниот лик отколку само бледо себе-поставување на главниот лик наспроти „Девојката во црвено“. Такви едно-описни или еднобојни ликови (а и една боја се провлекува во текстот – црвената) се присутни во бајките. Само таму „девојката во црвено“ има други облици (Змејот, вештерката, лошата кралица, итн), како и овде, има јасно поставени добри-наспроти-лоши карактери, ниски-напроти-високи класи, црно-бели ролји, кои не еволуираат во повисока степен. Фин е изборот на авторот да си игра, односно да прави обиди за карактеризација на ликовите, но не достигнува до таа форма до која може да се наречат реалистични, односно длабоки психолошки дескрипции на ЛИК, во вистинска смисла на зборот. Во овој случај, се работи за ништо друго ами за поставеност на ликови кои играат одредена улога или имаат одредена фукнција: ликови -помошници (Аника Гупта, Пени, Рут, Грим..) и ликови -противници (Биг-Бен, Нани Рамин, Џој..) и ликови кои од противници преминуваат во помошници (Елфреда, докторот), итн.

Имајќи предвид дека ЛИКОТ е една од главните конституенти на расказното дејство, неговите дескрипции и мотивираност треба да бидат во преден план. Постои несуштинска и недоволна мотивираност на главниот лик за трансформација, недоволен поттик за истата. Истовремено, на некои места уште на почеток, постои неверодостојност во постапките – во една глава вели едно (САКА), во другата глава вели (НЕ САКА) да биде Другата. Во шизофренијата не постои можност за двоумење и избор! Во тој случај само ќе констатираме дека се работи за ОБИД на авторката да измисли ЛИК кој е недоволно поткрепен со индивидуализација и обид за психологизација со однапред предодредена дијагностика, што го прави воопшто несоодветен во своите постапки.

Расказното дејство, на сметка на приказната, одлично тече и буди интерес кај читателот за следните дејства, односно јазли во приказната. Но, и тука повторно ќе напоменеме дека, колку и да се чини дека нуди нешто ново и невидено, сепак останува на ниво на приказна, односно сказна. Фактот што се случуваат необјасниви и навидум неверојатни настани, е спротивно на тврдењето на Аристотел дека треба да се раскажуваат и опишуваат „ликови кои ќе бидат доследни на она што го зборуваат и настани кои ќе бидат веројатни“ – во тој случај може да зборуваме за дело со добри собитија.

Книгата содржи доста репликации на исти или слични наративни делови – што претставува еден катализатор на дејството, односно звучи како непотребен и бесполезен рефрен (страна 140/141 со страна 156/157 и други места кои звучат како епизодни повторувања).

Во обидот да се доловат нештата читателот останува без доволно информации: таа пиеше „кралски чај“ – значењето на синтагмата не е доловена дескриптивно за да има и функција самата синтагма. Што значи тоа „кралски чај“?! Има посебни мириси, што предизвикува кај оној што го пие и што треба да предизвика кај оној што го чита текстов?! Недоволно развиеност на тој дел кој суштински и семантички може да даде повисока вредност на текстот.

Несоодветната лектура го гори текстот и сето она што сака да се долови: „ројално дете во кралска госпоѓа“ – зошто наместа има збор „ројално“ (колку е тоа македонски?), а зошто „кралски“ нели е тоа тафтологија која е несоодветно употребена?! Многуте лекторски грешки, како и некои структури на реченицата, со јазичен израз кој е едноставен, се само порив да се остави книгата при читање, ништо повеќе… Воедно, би сакала да се осигурам дека е Бакингемски, а не Бакингамски, веројатно не ми влегува в уши првото. Уште нешто, постои ли глаголот „доучествува“?!

Севкупно, овој текст е добра приказна, која би можела да се доразвие повеќе во делот со докторот и главниот лик (Ненси), тие места се клучни и доста добро и веродостојно прикажани. Наративот тече во една права линија, иако има доста ретроспекции на другите ликови, кои пак нараторот морал да ги стави за да покаже обид за мотивираност на одреден лик за одредени негови/нејзини постапки. Нивните биографии се само микро-текстови кои се прилепени за приказната на главниот лик и имаат една единствена функција – да се оправдаат за постапките. Тоа е авторова интервенција која веруваме дека може да се направи на посуптилен начин.

Текстот не содржи места каде што читателот може „да заспие“ и веројатно поради тоа останува во приказната до крајот на книгата. Премногу случувања и отворање на нови јадра, само го квалификува текстот како бајка во која се бара главниот лик да се бори со змејот (внатрешно алтер-его) и да помине низ седум гори и седум планини за да дојде до златото…

Се обидовме да укажеме на местата на кои авторот можеби и ненамерно ги оставил така, но се надеваме дека ќе бидат појдовни точки за размислување за следниот роман.

м-р Лилјана Пецова –Илиеска