Кица КОЛБЕ: За Прогласот во заштита на достоинството на македонскиот писател и на македонската книжевност

B393F63D08B1C74990AEEC1147684C34

 

Откако Прогласот е објавен на профилите на Фејсбук во повеќе коментари се истакнува дека меѓу потписниците имало и такви автори кои не биле “одбиени”, дека писателите реагирале сега затоа што се работело за пари, дека меѓу потпишаните автори имало “разни” и ткн. Ваквите коментари покажуваат колку недостига вистинска расправа за значајноста на литературата во македонската јавност.
Најнапред, Прогласот е не само поплака на “навредени и понижени” автори, уште помалку на такви кои не добиле “пари”.

Прогласот е протест против систематската девалвација на критериумите во третманот на литературата, а тоа требаше многу порано да се изрази во јавноста. Прогласот е и зародиш на еден Манифест, кој треба што поскоро да созрее во нас, авторите, за надминување на опортунистичкиот дух, кој се шири веќе подолго време од Министерството за култура како монопол на финансиското поддржување на пишаниот збор, но и од некои издавачи.

deversity

 

          Тој дух од авторите прави сервилни и плашливи индивидуи, некадарни да се солидаризираат со колегите автори, кога тие ќе го кренат гласот против Министерството, но и против издавачите, затоа што се плашат дека во спротивно ќе бидат “казнети” со нефинансирање или необјавување. Доделувањето национални пензии на автори кои едвај наполниле четириесет години е најперфидниот инструмент за создавање неми поданици од уметниците. Тоа од македонската литературна сцена во овој миг направи состојба, во која авторите се затворени во себе, плашејќи се еден од друг.

Кога стравот владее во сето општество, тој не ја одминува ниту уметноста.

        Но притоа се заборава примарниот факт во литературата: таа постои не затоа што постои Министерство за култура, не затоа што постојат издавачи, туку затоа што постои еден особен вид луѓе, кои пишуваат не за да преживеат, туку затоа што за нив животот е писмо, светот е слово, историјата е приказна. Тие се луѓе, кои се предадени на тајната на јазикот, на восхитот за раскажувањето, затоа што знаат, како уметникот во гладувањето на Франц Кафка, дека за нив нема друга храна, освен творештвото. Тие луѓе ги создаваат во ноќите, кога светот е потонат во штама, звуците и зборовите од книгите што ќе ги читаат Вашите деца и внуци и правнуци, раскажувајќи им го сега ним Вашиот, нашиот миг во минливоста на времето, правејќи го со својата јазична дарба вечен.

       Тоа е достоинството на писателите, тоа е достоинството на книжевноста.Во негова заштита постојат издавачите, министерствата, библиотеките. Колку е первертирана свеста за уметниците во македонското општество говори оваа Програма на Министерството, во која, освен неколку исклучоци, царува медиокритетството. Тоа најдобро преживува во состојбите во кои нема слобода на духот. Против таквото девалвирање на литературното творештво стои мојот потпис под Прогласот. Не сум “одбиен” автор – јас сум автор што одбива да биде манипулиран од било каков центар на моќ. Единствената моќ на која се потчинувам со скрушеноста на уметник е моќта на творечката дарба. Таа е изворот на уметничкото достоинство.

*Превземено од Фејсбук