Интервју со Катица ЌУЛАВКОВА за Утрински весник

разноликост мк

 

 

По повод денешната промоција на книгата
„Македонски волнени времиња“ од Катица ЌУЛАВКОВА, го објавуваме интервјуто што „недостига“:
Интервју со Катица Ќулавкова за Утрински весник, февруари 2000. Разговорот го водел Глигор Стојковски

19224816_1411978572213173_1245787054953009336_n


Ќулавкова
: Македонскиот П.Е.Н се огласи со Апел за уставното име на Република Македонија од повеќе причини: затоа што има статутарна обврска (со Повелбата на Меѓународниот П.Е.Н) да го штити секој елемент од идентитетот на својот народ и на својата држава. Името нé претставува и нé одликува од другите пред светот. Тоа е дел од нашата историја, традиција, сегашност и иднина. Секое “кодифицирање” подразбира конвенција, договор, но обично имињата, бидејќи памтат непредвидливо долго и упорно, се најсуптилните, најчудесните и најистрајните свидетели и споменици на раѓањето на една Творба, на еден етнос, на една културна традиција и систем.     Затоа, иако се конвенционализирани, името ја задржува својата иманентна мотивираност. Како и со сите јазични конвенции, и овде имаме работа со начелото на делумна конвенционалност или имплицитна мотивираност. Името не е производ на една неоснована и бесмислена случајност, туку знак осмислен од и во еден јазичен и културен систем. Затоа, име на една држава не се менува под присила и под принуда, туку во рамки на некои аналогни системски промени. Ако има елементи да се зборува за присилна промена на името на една држава, и ако таа промена се иницира и се поттикнува арогантно (“политички”), со најразлични обиди да се проблематизира нејзиното уставно име, обиди да се внесе сомнеж во неговата извесност, обиди тоа да се понижи или омаловажи во меѓународната комуникација, обиди да се подреди една неприкосновена категорија, па дури и светост, на ефемерните дневно-идеолошки цели и интереси, значи ако има елементи да се говори дека оспорувањето на името се заговара заради побуди и интереси од сомнителен политички и личен карактер, и ако – како последица на сета таа увертира – се најавува екстремна релативизација на идентитетот на конститутивниот народ на таа држава, зад што (претпоставувам) се кријат мрачни сценарија за неговото негирање, тогаш писателите, интелектуалците, научните, културните и стручните институциите се повикани да реагираат на таквиот нецивилизиран атак врз идентитетот на државата. Дури и во исклучителни ситуации, кога постојат внатрешни непремостиви потреби да се промени името по сопствена волја, тогаш и за тоа постојат демократски процедури кои треба да бидат почитувани. Во случајов со името на Република Македонија може да се говори за фактори кои влијаат однадвор а наидуваат на дискретна поддршка од внатре и кои притискаат да се дискриминира употребата на уставното име сé до негова промена или евентуална модификација. Контекстот е политички, но тоа не е изговор ни оправдување за да се исклучи примарната димензија на проблемот, процедуралната, за да се отфрли принципиелната можност, во демократска и дипломатска атмосфера да се иницира законско разрешување на политички предизвиканите недоразбирања и да се осуети неправдата која и’ е нанесена и која допрва може да и’ наштети на Р. Македонија. Треба да се преземат мерки постапката да се води цивилизирано и во согласност со постоечките законски акти и практика во минатото, во рамки на работата на ОН. Без афекти и без последици по односите со заинтересираниот сосед. Впрочем и нашиот јужен сосед е дел од еден меѓународен светски поредок, и тој е должен да го почитува.

Освен тоа, собитијата од минатата тешка и долга, турбулентна и еклиптична година во Република Македонија, сугерираат дека кафкијанскиот “процес” кој се води околу името на Р. Македонија им е добредојден токму на новите структури на власта, сеедно дали се со националистички или со центристички и граѓански бекграунд (или без!). Треба да се има на ум дека тие ќе ја искористат токму таквата констелација и генеза на проблемот: други ја заматија водата, а тие ќе ловат во матно. Едните не се експонираат премногу гласно, зашто се свесни дека не се сосема лишени од одговорност, а другите до крај ќе ја префрлаат одговорноста на претходниците, крајниот исход ќе биде модификацијата на името, дефинитивно понижување на достоинството, губење на угледот во светот. Образложението секогаш ќе биде “тоа е политичко” прашање. А нашите “политички” прашања веќе по традиција ни ги решаваат другите, не ние. Ние не водиме политика, оти и за висока државна политика се потребни високи државни играчи, познавање на системот на играта, вештина или уметност на играње. Тоа во Македонија го нема. Ние сме мала и немоќна земја и мора да бидеме послушни: тоа е доминантата на нашето поново позиционирање во светот. А таа е многу повеќе виртуелна одошто реална позиција!

Натаму, со оглед на фактот што во поновата историја на Р. Македонија, од нејзиното конституирање како посебна (Народна) Република Македонија (АСНОМ) во рамки на поранешната ФНРЈ и СФРЈ до денес, не се забележани пофлагранти иницијативи, изјави, постапки и проекти од институционален тип, кои експлицитно или имплицитно ја потхрануваат “кризата на идентитетот” на македонскиот народ, нормално е и логично, што писателите, како еминентен дел од македонската интелигенција и држава, реагираат и апелираат, со цел конечно да се запрат ваквите деструктивни процеси, да се почитува меѓународниот поредок, да се востанови повторно атмосфера на дијалог на рамноправни, на меѓусебно почитување на (сите признаци на) субјективитетот на нашата држава, во тој контекст и на нејзиното уставно име, на нејзиниот суверенитет и интегритет, и дома и надвор.

Автор на фотографијата: Катица Ќулавкова

Автор на фотографијата: Катица Ќулавкова


Ќулавкова
: Навистина постои еден недопустлив и трауматичен молк меѓу интелигенцијата, а паралелно се одвива и процес на тивко врбување сомисленици од редовите на некогашните бескомпромисни  противници, притаен процес на перење на умот на широките народни маси, придружено со вкупниот развој на настаните: економска катастрофа; перманентно и со предумисла (тактичко) преземање на мерки со коишто Македонија ја губи својата независност (најпрвин економската, потем политичката); општа дестабилизација; анксиозна состојба во сите домени на општественото живеење, со признаци на предвидено инхибирање на развојните процеси (свесно генерирање негативни последици); заканувачки, а подмолни промени на законски одредби кои ја вклучуваат и сферата на образованието, хибридизација на постоечките универзитети (ни државни ни приватни, наместо да се разграничи државниот од приватните универзитети); доминација на принципот Едноумие; зголемен степен на зависноста од моќни инстанци од странство; стратегија на регионализација и дезинтеграција на државата, промена на уставниот мизансцен; сомнително отворање на границата токму од онаа страна од кадешто се заканува опасност од неконтролиран прилив сé до апсолутна ентропија на државата…

Ќулавкова: Што се однесува до молкот, би сакала да го подвлечам личниот впечаток дека на индивидуално ниво, меѓу граѓаните и тн. обични луѓе, постои јасна свест за вкупните состојби, но дека на институционално рамниште не се реагира организирано. За жал. Очигледно власта започнува да се чувствува сé поудобно и сé повеќе ја игнорира стварноста околу себе. Во фокусот на перцепцијата и на дневно-политичкиот дискурс се наоѓа повеќе претходната “структура”/партија, одошто актуелната стварност и опстанокот на државата. Да не говориме за виши духовни инстанци! Во овој момент станува збор за елементарен опстанок! Да заклучам: живееме во време на травестии, на лажни претставувања, на лукави протејски преобразби сé до разнебитување, во “волнени” времиња на зазор и неизвесност, време на гротескни метатези на вредностите! Така и ние имаме македонски постмодерен карневализам!

Ќулавкова: Македонскиот ПЕН сеуште (или допрва!) ги чувствува последиците од Декларацијата за состојбите во културата и идентитетот на македонскиот народ од минатата 1999 година: неколку решенија на Министерството за култура на РМ за финансирање на наши Проекти не се реализирани, а ние активностите сме ги оствариле: од учеството на наш колега на медитеранска средба во Турција, преку учеството на двајца наши колеги на Регионалната средба во Словенија, па 5-та Охридска конференција, па Двобројот на Ревијата, па учество на конференција во Прага, молк на писмата упатени во врска со Литературниот воз Европа 2000… И сето тоа доаѓа како возврат и казна за тоа што изјавивме дека треба да си ја чуваме традицијата и идентитетот. Замислете во каква држава живееме: во држава која за непријатели ги смета и ги казнува оние кои го бранат нејзиниот идентитет, кои работат за нејзино добро, кои ја сакаат својата држава, кои ја создаваат и ја афирмираат нејзината култура, нејзиното битие, кои претставуваат неразделен дел од нејзиниот идентитет!? Замислете кој нé води: луѓе на коишто им одговара деноминацијата, кризата на идентитетот, преустројувањето, дезинтегрирањето, а се претставуваа како нивен најекстремен заштитник (националистичка десничарска партија, што беше тоа?). Ниту една држава не може да опстане без консензус за основните елементи на државноста. Кај нас таков консензус не постои. Постои само сервилност, импровизација, корупција, нетранспарентност, лажирање, псевдодемократија, апатичност спрема сé што е Друго, различно, особено, индивидуално. А познато е: нема творештво ако нема особеност! Македонскиот ПЕН има сатисфакција во бројните поддршки што ги доби по повод Декларацијата, а најмногу во фактот што токму Декларацијата ги успори и ги амортизираше, барем привремено, обидите за фронтално и агресивно “прекодирање” на македонскиот народ, за потценување и за автоматска ревизија (врз идеолошки принципи!) на сите вредности и на целиот културен систем наследен од минатото.

Автор на фотографијата: Катица Ќулавкова

Автор на фотографијата: Катица Ќулавкова

Ќулавкова: Да, тоа се стихови објавени пред повеќе од една деценија и покажуваат дека поезијата има мантичка и профетска моќ, интуитивен капацитет да изрече состојби кои не се актуелни во моментот на искажувањето, туку се актуелизираат дополнително, во нови социокултурни констелации. Тоа е така затоа што поезијата не е опис на ефемерни прагми, и кога создава таков привид, туку преосмислување на минливото, потрага по вечното, по битното. Поезијата ги трансцендира поводите и околностите во коишто се твори. Мојата песна “Мртов јазик” не перципираше некои историски препознатливи дадености од времето пред 12 години. Таа се интересираше за еден суштествен феномен: што се случува и како се случува да одумре еден јазик, како одумира еден народ – секогаш и секаде во светот! Знаеме дека историјата е метафора (и) на “мртвите” народи и јазици. Овој феномен во мојата песна е виден од аспект на отуѓувањето на власта (Држава, Црква, Суд) од народот. Народот е парадигма на животворноста, а власта образец на стерилноста, анахронизмот, губење на моќта. Власта е губитник и кога добива! За овие прашања имам напишано бројни песни, цели циклуси, а впрочем и цела книга (Изгон на злото) во којашто има суптилни евокации и алузии на нашата стварност/современост од деведесетите години. Поемата почнува со дилемата “да одам или не?”. Македонците спаѓаат меѓу оние народи кои постојано низ историјата биле делени, притискани, кои биле принудувани да мигрираат, да се прекрстуваат, да менуваат вера… Можеби тие страдања се гротескнен историски влог за да опстанат! На потег се парадоксите: од голема сила и голема земја да се сведеш на “грст”, на зрно, на расеано племе.

Имам аверзија на секој дискурс кој заговара загрозеност на еден народ затоа што тој дискурс беше платформа на сите воени судири во земјите на поранешна Југославија, но ако некој суштински е загрозен, тоа е македонскиот народ. Тоа чувство на трагизам не пледира на песимизам, туку просто треба да ствара свест дека нашата моќ е во единството, во културата и уметноста, во слободата и демократијата. Ако нив ги потцениме и ги изгубиме како стекнати придобивки, сé сме изгубиле. Тогаш нема да има дилема “дали да одам или да не одам” од Македонија. Интеркултурниот и меѓуетнички дијалог е неопходен, но треба да се води врз принципи на толеранција и почит: ова е сепак една и единствена држава на македонскиот народ. А како што гледаме албанскиот народ се на прагот на остварување на нивниот сон: голема албанска држава без граници. Жално е што соништата на едните најчесто се остваруваат како агресија врз слободата и правата на другите (независно од формите во кои што ни се претставуваат со помош на меѓународните сили – не би рекла дипломатија!!!).

Ќулавкова: Ми причинува навистина задоволство фактот што некој (во Македонија) ги чита моите песни. Да, во тој циклус за историски личности и опуси кои биле пред своето време, апартни и кои поради тоа биле осудувани и жестоко казнувани од власта, спаѓа и песната која е пишувана во форма на писмо што самиот Константин го пишува до својот македонски народ, непосредно пред смртта, во цариградскиот затвор. Во прашање е, се разбира фикција, но користени се и негови искази од други текстови и песни. Навистина е актуелно неговото обраќање во писмото, особено денес. Сите, особено слободоумниците, го чувствуваат прстот на закана од страна на “невидимата власт и сила”. Загрозена е слободата на изразот (можеш да кажеш што мислиш, но ќе бидеш казнет за тоа што го говориш), има објективни елементи кои велат дека демократијата е во агонија, дека доживува тешки премрежија и дека писателот треба да го даде својот сопствен влог за општо добро, по цена на саможртва. Па макар за доброто на идните генерации и епохи. Јас верувам во виши принципи и идеали откако знам за себеси и важноста на оваа верба ја чувствувам токму денес, кога наместо да живеам поспокојно, покомфорно и целосно оддадено на творештвото и на приватниот, семеен живот, секојдневно барам начин да го продолжам денот за да остане нешто за “историјата” и за “општо добро”… Но писателот не е само “обичен човек” и има големи етички одговорности пред иднината. Премногу сум срасната со македонскиот јазик за да преминам транзит (со обична патна исправа) во состојба на игноранција, апатија и депресија и да им дозволам на “чуварите на затворот” да го сотрат она кое е суштествено и без што не се може (ако сме веќе кај Миладиновци!).

Ќулавкова: Нашите контакти со светот ќе продолжат, независно од тоа дали и колку ќе нé помага македонската држава. Комуникацијата со светот и презентацијата на македонската книжевност и култура во светот и на другите јазици е приоритетна задача и мора да се истрае во тоа. При тоа се веруваме дека меѓу донаторите има великодушни духови кои ќе ја штитат македонската култура и дека ќе му помогнат и годинава на Македонскиот П.Е.Н.

„Македонски волнени времиња“ од Катица Ќулавкова – збирка интервјуа давани во изминатите 25 години, 
можете да си ја купите промотивно со потпис од авторката вечер – 20 јуни/19:00 ч./Кафе-книжарницата ТРИ, на Ленинова (сегашна Аминта III).