ЌУЛАВКОВА: Интеркултурната стратегија како облик на културна економичност

Katica-Kjulavkova-1

 

Чувствувам потреба, на почетокот, да укажам на некои семантички аспекти на терминот економија, како увод во една социо-културна и лингвистичко-ккомуникациска контекстуализација на економијата во современи услови, посебно во Југо-Источна Европа.

  • Вообичаено, економијата (οἰκονομία, oikonomia) се толкува како: штедење, воздржување, редукција, рестрикција, па и како свесно откажување, лишување, па и жртвување на некои културни добра, со цел да се постигне некоја ’виша цел’. Економијата имплицира некоја долгорочна стратегија, некое одложено задоволство. Економскиот логос сугерира да изградиме таква култура во којашто, ако е нужно, ќе жртвуваме нешто ефемерно или нешто лично, во име на нешто посуштествено, подолгорочно и поуниверзално. Колку и да е прагматична, економијата не треба да се сфати како фокусирана само на материјалното, напротив. Економската логика и стратегија подразбираат и метафизички параметри – морални, идеолошки, верски/сакрални/дивински.
  • Жртвувањето на помалото добро, во име на некој поголем/побитен интерес/добро (верски, национален, цивилизациски) има две лица. Едното лице ја покажува оправданоста на економизирањето преку жртвување, другото потсетува дека во историјата на човештвото често се злоупотребувале т.н. виши цели за да се постигнат некои ефемерни, лукративни намери. Така на пример, експлицитното гесло „во име на народот“ („во име на Бога“), често доведува до трагични политики, конфликти, војни, етнички и верски истребувања.
  • Економијата подразбира и вештина на хармонизирање на односите во меѓу државата и општеството, меѓу поединечните, локалните и општите интенции и потреби, со цел да се најде најпрактичното, реално изводливо решение. Во таа смисла, економијата по дефиниција е трансиндивидуална, трансетничка, па може да биде и една од најприфатливите интеркултурни алатки во мултикултурни држави. Со помош на економски методи (методи на економизирање, се менаџираат успешно културните радикализми, кои се – по дефиниција – ексцентрични и лукративни.
  • Во романот на Радослав Петковиќ, Совршено сеќавање на смртта (Београд, Стубови културе, 2009) е актуализирано толкувањето на економијата од аспект на вишите дивински принципи, од аспект на верата како врховен принцип, кој во практиката, во човечкиот живот и во историјата на човештвото, го покажува своето безмилосно и сурово лице. Да се потсетиме само на обидот за жртвувањето на Исак од страна на татко му Авраам, во име на приоритетот на Божјиот принцип и верата. Се разбира дека тоа е парабола, но токму како парабола говори често за нејзината злоупотреба во стварноста, во ситуации кога се чита буквално и вулгарно.
  • Радослав Петковиќ го наведува примерот со браќата Јаков и Есав. Јаков се претвора во Есав, на самртната постела на татко му, со цел, преку измама, да го добие наследството кое му било наменето на брат му. Овој грев и спрема таткото и спрема братот, Свети Василиј го толкува низ призма на начелото на икономија: штетата што неговиот грев ја прави е многу помала од користа што ја добива човечкиот род со таквиот грев (2009, 86).
  • Тука е покренато и едно друго прашање за оправданоста, па и нужноста од ’икономијата’, во услови кога не помага повикувањето на светците и на Бог (2009, 85). Сугестијата е јасна: економското начело е помоќно од верското. Всушност, економските политики се поефикасни од верските. Романот на Петковиќ ја заговара и економичноста на теургијата (која е област на филозофијата), што обично се симплифицира, па се интерпретира како примена на магиски стратегии, во услови кога прагматиката доживува колапс, а треба да се спаси нешто (цивилизациски) Битно (2009, 393). Тука се вклопува и тезата на оправданоста и нужноста од ’предавство’, од ’ерес’, од ’паганизам’, па дури и од некој радикален пресврт, во име на развојот на човештвото или опстанокот на една цивилизација (2009, 399, 435). Всушност, тука се покренува прашањето за потребата од почитување на максимата „Историјата е мајка на знаењето“, што современиот, длабоко исполитизиран, свет ја заборава. Да се памти историјата, значи – од неа да се извлечат неопходните поуки, со цел да не се повторуваат трагичните грешки (војни, прогони, геноциди, деструкции). Историјата (сепак) се повторува, актерите се менуваат. Затоа е многу поекономично да се учи од историјата одошто да се игнорира и да се девалвира значењето на историјата и на постарите цивилизации.
  • Поимот економичен,[1] во македонскиот јазик се поврзува со поимот домаќинство, домаќинско (“housekeeping”) работење и управување, разумно трошење на заедничките и на личните добра а за општо добро на заедницата (семејството, државата, нацијата). Со други зборови, економизирањето на потрошувачката во една заедница подразбира рационалност, мудрост, заштита на општиот/заеднички интерес, препознавање на општиот интерес на една заедница, лишување од некои лични желби, сведување на луксузот на поднослив минимум, ако е потребно и жртвување на некој посебен интерес.

&&&

Треба да се подвлече фактот дека економијата и идеологијата се во тесна врска, како што, впрочем, се комплементарни и конектирани и: економијата и филозофијата, економијата и религијата, економијата и психологијата, економијата и културата, економијата и здравството, економијата и екологијата, економијата и реториката, економијата на времето, економијата на просторот, економија на империјализмот…

Ваквите интердисциплинарни рефлексии и проекции ги покренуваат прашањата: Што е поекономично? Да се инвестира во здравото живеење и превенцијата, или во долги, скапи и често неефикасни терапии? Што е поекономично? Да се инвестира во хармонизација на разликите и превенција на конфликтите, или во санирање на последиците од конфликтите? Прашањето што е поекономично, што е поисплативо, што е поефтино, всушност се чита како што е подобро. Оттаму, поимот економија/економично имплицира една етичка димензија, што е подобро, што е похумано, што е поцивилизирано…?

Економската логика е соочување со реалноста, некогаш фрапантно, грубо и болно соочување со ограничувањата на општествената, моралната и егзистенцијалната стварност. Но тоа соочување со реалноста е често пати помалото зло во „ѓаволскиот круг“ на стварноста. Неекономичното, лукративно, неумерено и предозирано знаковно манифестирање на културните, религиските, традициските и политичките разлики, е облик на социокултурна неекомичност, а тоа пак доведува до тривијализација на културните идентитети, до интеркултурна аверзија и тензија, до девалвација на културната семиотиката во социјалниот и во егзистенцијалниот простор. Таквата тензична егзистенција создава колективни трауми и фрустрации кои порано или подоцна ќе доведат до неекономични, неконтролирани емоции, реакции, конфликти па и политички стратегии. Вишокот на тензии доведува до виолентни процеси кои завршуваат со фрагментација на државните и општествените структури, до нови облици на т.н. балканизација (нов монадизам).

Лукративните (неекономични) културни политики ја поткопуваат елементарната логика на економијата. Мултијазичноста е лукративна кога се радикализира, исто како што и ригидната лингвистичка политика на запоставување на јазичните права на малцинствата е штетна по просперитетот на една држава/унија.[2]

Така, доаѓаме до прашањето на економичноста и неекономичноста на мултикултурните јазични политики. Стратешки гледано, се јавува  потреба да се дефинираат некои развојни приоритети и  принципи на мултикултурниот свет, особено на мултикултурна Европа во којашто се вкрстуваат жестоко традиционалниот етно-културен концепт со современиот мултикултурен и трансетнички концепт.

Што би можело да се препорача како економична, разумна, цивилизациски коректна и долготрајна културна политика во државите и униите во коишто се интегрирани заедници со различен јазичен идентитет? и до под-прашањето ’Што е цивилизациски поекономично?

Се чини дека економската логика упатува на следните стратешки политики:

  • Треба да се направи клучниот пресврт кон интеркултурност, концепт кој се темели на граѓански и човекови права на индивидуите, а не на етничките заедници, а со тоа да се пристапи кон политиките на интеркултурната економизација.
  • воведување заеднички алатки во општеството – унитарност на работниот јазик, оптимален степен на јазичен диверзитет на културно и едукативно ниво, слобода усогласена со материјалниот и финансиски капацитет на државата и на заедниците кои претендираат на партикуларни решенија.
  • Треба да промовираат интеркултурни алатки (intercultural skills) за да се воспостави, финансиски, економична комуникација во институциите на системот и за да се воспостави дијалог меѓу различните заедници.
  • Меѓу интеркултурните алатки првенство имаат лингвистичките компетенци. Затоа треба да се препорача учење на јазикот на мнозинството како свој јазик на култура и едукација, односно да се усвои методот на заеднички работен јазик, познатиот принцип на лингва франка;
  • да се уважува и да се учи, по потреба, јазикот на другиот, да се учат странски јазици, за подобрување на квалитетот на заедничкото живеење;
  • се препорачуваат и други општествени и граѓански компетенции, и културна грижа и изразување, како битни во градењето мостови меѓу народите со различен културен, етнички, религиски и јазичен бекграунд (потекло, припадност).

&&&

Етничката, религиската и идеолошката матрица на ’неекономичните’ / лукративни стратегии е актуелна во современите тензични и конфликтни ситуации ширум светот, вклучително и на Балканот. Со нив се покренува прашањето на економичноста и неекономичноста на културните политики. Се поставува прашањето ’Што е цивилизациски поекономично, во овој миг?’ Националниот или граѓанскиот концепт на државата? Дали е возможен граѓански концепт во мултиетнички конципирани држави? Зошто се деструира граѓанската држава во име на мултиетнички, мултирелигиски и мултијазични цели?

Култните идеали лесно стануваат догми и подразбираат ригорозни тактики со долгорочни последици врз традиционалните хуманистички вредности, интегритетот на државите, опстанокот на народите и на јазиците. Злоупотребата на култните максими на современата демократија е ефикасен начин да се ревидираат државните граници и да се преструктурираат владејачките дискурси.

Тоа доаѓа до израз особено во држави како Р. Македонија, која токму во периодот кога се стекна со целосна институционална независност, започна да ги губи систематски прерогативите на унитарност, стабилност, економичност, заедно со загубата на доминантниот македонски културен и јазичен атрибут. Повеќејазичноста во функционирањето на државните институции, а не само на образовниот и во културниот живот, на голема врата ја воведоа практиката на еден неекономичен, радикален културен и политички лукратизам.

Ќе наведам неколку парадоксални примери на социокултурна лукративност:

  • Во име на мултијазичноста, се трошат огромни буџетски средства за мултијазични практики кои не само што ја поткопаа унитарноста на државата, туку на мигови делуваат гротескно, од економска гледна точка.
  • Македонската историја, топонимија, идентитет се предмет на бескрупулозни ревизии. Македонското културно наследство, како материјалното, така и нематеријално, се секојдневно загрозени.
  • Во таа смисла, да се изгуби ’лингва франка’ во една држава која има мултикултурни предиспозиции, значи да се изгуби raison d’être на интеретничката коегзистенција, значи да се поткопа граѓанскиот канон, а со тоа и демократијата како власт на граѓаните (а не на етничките заедници).
  • Мултиетничкиот концепт на државата, повлече мултирелигиозност и мултијазичност.[3]
  • Во име на демократијата се воведе модел на етничка демократија.
  • Во име на правата на малцинствата се воведе моделот на позитивна дискриминација, така што денес владее етничкиот клуч над принципот на врвни вредности на индивидуите и ги дискриминира(ше) образованите и креативни Македонци како припадници на мнозинството.
  • Во име на борбата против мајоризацијата, се воведе нова ’диктатура’ на малцинството.
  • Се формираа нови, етнички профилирани урбани целини, врз принципот на нови мапирања на градовите, преку нивно поврзување со етнички соодветни селски средини оддалечени и повеќе километри од градското јадро (така, во локалната самоуправа, се демакедонизираа градовите како Скопје, Струга, Кичево).
  • Во име на евро-атлантските интеграции, се промовираше интеграцијата на ’природните’ албански територии кои вклучуваат во игра неколку држави (Албанија, Србија, Косово, Македонија, Црна Гора, па и Грција).
  • Не се почитуваат државните симболи на Р. Македонија, туку симболи на соседната држава, сé во име на некои стекнати права и етничка традиција.
  • За само десетина години се етаблираше принципот на конфузија во и хаос на културните вредности. Има барања етничкиот клуч (т.н. Бадентерово мнозинство) да биде одлучувачки дури и во Уставниот суд на Р. Македонија.
  • Се води психолошка и софистицирана војна против традиционалните културни, национални и граѓански структури и институции.
  • Како последица на ваквата неекономична, лукративна културна и политичка стратегија, македонската култура денес е во тотална рецесија. Македонскиот јазик не се употребува во голем дел од институциите на системот, милениумските македонски топоними се насилно преведени на албански јазик, граѓаните не се разбираат меѓу себе, доаѓа до рапидно и систематско иселување на младите македонски генерации, доаѓа до внатрешно раселување на Македонците од средините со доминантно албанско население.
  • Во име на јазичната рамноправност, се наметнува албанскиот како втор јазик и во средини без албанско население, а парадоксално, токму од албанската популација се одбива образование на македонски јазик.
  • Во ваква конфузна општествена стварност, и македонската популација со исламска вериоисповест е предмет на политичка и етничка манипулација.
  • Во име на етничките права, се срушија некогаш високите стандарди на високото образование. Во име на право на бесплатно средно образование, се врши етничко рекомпонирање на урбаните средини со традиционално македонско население.

 

 

References:

Daly, Herman E. and John B. Cobb, Jr. For the common good: redirecting the economy toward community, the environment, and a sustainable future.

Jakobson, R., 1963, Essais de linguistique génèrale: Rapports internes et externes du langage, Paris, Les Éditions de Minuit; trad. it. 1966, Saggi di linguistica generale, a cura di L. Heilmann, Milano, Feltrinelli.

Jakobson, R., 1990a, On Language, a cura di L. Waugh, M. Monville-Burston, Cambridge, Harvard University Press.

Jakobson, R., 1990b, “The Speech Event and the Function of Language“, in Jakobson 1990a.

Jameson, F., 1972, The Prison-House of Language: A Critical Account of Structuralism and Russian Formalism, Princeton, Princeton University Press.

Jakobson, R., 1990a, On Language, a cura di L. Waugh, M. Monville-Burston, Cambridge, Harvard University Press.

Jakobson, R., 1990b, “The Speech Event and the Function of Language“, in Jakobson 1990a.

Jameson, F., 1972, The Prison-House of Language: A Critical Account of Structuralism and Russian Formalism, Princeton, Princeton University Press.

Rossi-Landi, F., 1974, “Linguistics and Economics“, in Current Trends in Linguistics, 12, a cura di T. A. Sebeok, The Hague, Mouton & Co.

Shell, M., 1978, The Economy of Literature, Baltimore, The Johns Hopkins University Press.

Volosinov, V. N., 1930, nuova ed. 1973, Marxism and the Philosophy of Language, New York, Seminar Press.

 

[1] „…Oikonomia, by contrast, is the management of the household so as to increase its use value to all members of the household over the long run. If we expand the scope of household to include the larger community of the land, of shared values, resources, biomes, institutions, language, and history, then we have a good definition of ‘economics for community.’”

[2] Радикалната мултијазичност генерира социокултурни и социорелигиски тензии, алиенација на јазиците, културите, етничките заедници, националните малцинства, сé до степен на аверзија спрема другоста, латентна конфликтност, колективно чувство на загрозеност.

[3] Поради тоа, доаѓа до територијална реорганизација на државата (кантонизација, енклавизација, федерализација) и дестабилизација на унитарниот модел. Тоа особено доаѓа до израз во малите држави во деликатни региони во коишто доминираат државните интеграции врз етнички принцип, во коишто не постои некој заеднички супраетнички егзистенцијален интерес (финансиски, безбедносен).

 

This post is also available in: English