33 години од смртта на Хулио КОРТАСАР

Julio Cortazar (1914-1984) ecrivain argentin nationaliste francais. FRANCE -    Date inconnue

 

Хулио Кортасар (1914-1984) е култен аргентиски писател. Автор со особено чувство за фантастичното и надреалното што го населуваат секојдневието и што произлегуваат од него самото. Објавувал стихозбирки, книги раскази, романи, како и дела чиј жанр тешко може да се определи. Бил еден од омилените автори на великанот Хорхе Луис Борхес.

julio_cortazar_05

– краток расказ од Хулио Кортасар

Увод во обука за навивање часовник

Размисли добро: кога ти подаруваат часовник, ти подаруваат мал цветен пекол, темница од воздух. Не ти даваат само часовник, среќен роденден и се надеваме дека ќе ти трае бидејќи е од добра марка, швајцарски; не ти го подаруваат само тој тенок клесар што ќе го ставиш на рака и ќе шеташ со него. Ти подаруваат не знаејќи, и најстрашно е што тоа не го знаат, ти подаруваат еден кршлив и минлив дел од тебе самиот, нешто што е твое но не е од твоето тело, што со твоето тело треба да се спои со каивче како со некоја очајна рачка што се фаќа за твојата дланка. Ти подаруваат потреба да го навиваш од ден на ден, обврска да го навиваш за да не остане она што е; ти подаруваат опсесија да проверуваш колку е точно часот во излозите на златарниците, на вестите на радио, на телефон. Ти подаруваат и страв дека ќе го изгубиш, дека ќе ти го украдат, дека ќе ти падне на земја и ќе се скрши. Ти ја подаруваат неговата марка и сигурноста дека таа марка е подобра од другите, ти подаруваат склоност да го споредуваш својот часовник со останатите. Не ти подаруваат тие часовник, туку ти си подарениот, тебе те даваат за роденден на часовникот.

– преземено од Куцкамен

321dd72dd20b80fa951ff2c1a2c74018

– поезија од Хулио Кортасар

ЉУБОВНО ПИСМО

Сè што сакам од тебе
на крајот е малку
затоа што на крајот тоа е сè
како куче кое минува, или брдо,
такви неважни работи, световни,
клинци и коса и коцки шеќер,
мирисот на твоето тело,
што и да кажеш за што било,
со мене или против мене,
сè што е толку малку
сакам од тебе затоа што те сакам.
за да гледаш далеку зад мене,
за да ме сакаш диво безгрижна
а утре, нека крикот
на твојот оргазам се истури во
лицето на шефот во некоја канцеларија
и нека задоволството кое ќе го создадеме самите
биде уште еден знак на слободата.

***

ПОСЛЕ ЗАБАВАТА

И кога сите си отидоа
и останавме само ние двајцата
помеѓу празните чаши и валканите пепелници,
колку беше убаво да се знае дека ти
беше овде како оаза,
сама со мене на работ на ноќта,
и беше трајна, над времето,
беше онаа која не сака да си оди,
затоа што една перница
и една топлина
нè повикаа одново
будни во новиот ден,
заедно, насмеани, неисчешлани.

***

ПРИЈАТЕЛИ

Од тутунот, од кафето, од виното
на работ на ноќта се издигнуваат
како оние гласови кои ги слушаш како
пеат некаде далеку низ улицата, која песна,
тешко е да препознаеш.
Браќа расфрлени по судбината,
Нестварни, но блиску да ги растераат
мувите на моите навики и да ме одржат
на површината кога вртлогот ќе се обиде да ме вшмука.
Мртвите зборуваат погласно, го шепотат минатото,
живите се топла рака и покрив:
сума на добиеното и изгубеното.
Кога еден ден сплавот ќе ме спроведе низ темнината,
ќе ја припијам нивната отсутност кон себе како пуловер
оваа стара нежност која ги набројува по име.

***

МИЛОНГА

Татко Седрон ја пееше оваа милонга
компонирана од Едгардо Кантон

Ми недостига Јужниот крст
кога жедта ме тера да ја подигнам главата
и да го пијам твоето црно вино на полноќта.
И ми недостигаат аглите на улиците со сонливите продавници
каде мирисот на yerba-та ја затресува мембраната на воздухот.
Сфаќајќи дека е секогаш таму
како џебот каде мојата рака
често бара чешел или ноже
неуморната рака на некое темно сеќавање
ги брои своите мртви.
Јужниот крст горчливото мате.
И гласовите на пријателите
кои се навикнуваат едни на други.

Кога ја напишав оваа песна сè уште имав пријатели во мојата земја, потоа тие беа убиени или прерано пензионирани и оставени во бирократска тишина, или тивко отидоа да живеат во Канада или Шведска, или исчезнаа, а нивните имиња се само имиња на листа без крај. Последните два стиха во песната се прилагодени на сегашноста: сега повеќе не можам ни да ги замислам гласовите на тие пријатели како разговараат со други пријатели. Само кога би било така. Но, се прашувам за што разговараат, ако воопшто зборуваат.

– препев: Иван ШОПОВ


– песна од Хулио Кортасар