„Невидливи љубови“ на Јанковски

12584179_10203884489392474_369650766_n

 

 

ПРВ ДЕЛ:

ПРИКАЗНАТА ЗА МИЛА И МАРКО

 

1.

       Онаму каде што кога ќе се разбудеше можеше да помисли дека не се наоѓа ниту на земјата ниту на небото, на мансардата од една шеснаесеткатница во најгусто населената скопска населба Аеродром, живееше Марко.

       Марко имаше 30 години… Сакаше да собира билети за кино и театарски претстави и врз нивната заднина да пишува куси пораки. Беше од оние луѓе кои обожаваат скришно, додека таа е отсутна, да ја земат блузата на својата љубовница и да го нурнат лицето во неа. Уживаше кога талкајќи низ градот одеднаш ќе застанеше среде улица за да му дозволи на градот малку да се патува низ него. Имаше една желба за која веруваше дека веројатно нема да ја оствари: да изгради куќа и огромна градина со дрвја распоредени на тој начин што погледнати од високо би составувале писмо што земјата му го пишува на небото…

       И поседуваше една специфична вештина. Вештина за која никој ништо не знаеше.

       Вештината да се претвори во секој предмет што ќе го избере.

2.

   Телефон што упорно молчи токму тогаш кога најмногу треба да заѕвони. Стакло од излог врз чија површина се одразува нечиј кус допир во три по полноќ. Скршен чадор оставен на клупа по пороен летен дожд. Ѕид во кој се впиваат криците на љубовници кои веќе не се сакаат. Маса од хотелска соба исполнета со расфрлени предмети, сведоци на свет што си заминува за помалку од 24 часа. Распарчен дрвен стол поставен во задниот двор на некое училиште. Запалка немарно заборавена покрај пластична туба за пренесување бензин. Пепелник чии догорчиња ја раскажуваат приказната за должината на успешната средба. Такви, секојдневни, обични предмети.

      Требаше само да одлучи и… веднаш се претвораше во посакуваниот предмет.

3.

      Но, Марко многу ретко, речиси никогаш не ја употребуваше својата моќ.

    Зашто беше од оние луѓе кои веруваат дека најголемите моќи се дадени за да се користат колку што е можно помалку. Како скржав поет кој пишува неколку песни годишно, како генијален музичар решен да отсвири некое неверојатно комплицирано дело само еднаш во животот, како врвен патник кој студиозно се подготвува за единственото патување од кое можеби никогаш нема да се врати.

     Сè додека не ја сретна Мила, онаа која ќе биде причина за илјадници преобразби.

4.

     Кога некој ќе ја прашаше да се опише себеси, Мила одговараше со внимателно подготвен одговор.

   – Триесетгодишна службеничка од секторот за кредитирање во најголемата македонска банка… Имам една ретро особина: сакам да собирам билети за кино и театарски претстави и врз нивната заднина да пишувам мали пораки. Потоа следува уште една особина наследена, веројатно, од скопското детство во осумдесеттите: обожавам да ја земам кошулата на својот љубовник, тајно, кога тој е отсутен, најчесто во тоалетот, и да го нурнам лицето во неа. Уживам кога талкајќи низ градот одеднаш ќе застанам среде улица за да го вдишам мирисот што се шири околу мене. Имам една желба, веројатно нема да ја остварам, но, нели, такви се најубавите желби: да изградам куќа со огромна градина во која дрвјата се распоредени во форма на писмо што небото ѝ го чита на земјата…

This post is also available in: English