20 ГОДИНИ ПОДОЦНА – „Несвесна цивилизација“

Untitled-1

Специјален предговор на Џон Ралстон Сол претседател на Меѓународниот ПЕН, за македонското издание на книгата „Несвесна цивилизација“ објавена во издание на ПОЕТИКИ – Друштво за уметност, 2015 година. Скопје, Р.Македонија

     Јас сум змија, а не јаболко.
Големиот недостаток во авраaмските култури до ден – денес останува непроменет – тоа е систем изграден врз стравот од разбирање. Стравот од гласноговорништво. Се разбира, уште од таа праисконска приказна за едемската градина, многумина од нас се бореле и се борат да ја одбранат змијата и да го унапредат знаењето. Дури и најинтересните и најетичките религиски фигури ја за-земале страната на змијата. А злобните луѓе не успеаја и не успеваат да ни го попречат патот, дури и кога се обидуваат. И повторно се обидуваат. Барем не на подолг план.
Но стравот од свесноста е навистина длабоко вкоренет во нашата култура. Дури и сега, кога доаѓам во Охрид за да ја примам Светската награда за хуманизам, опкружени сме од настани кои нè потсетуваат на тој страв.
Кога пред дваесет години за првпат се појави оваа книга, западните елити се перчеа со самодоверба; тие беа примери за несвесност. Затоа и не можеа да ја согледаат штетата што ѝ ја нанесуваат на граѓанската идеја за општеството, на демократијата, на широкоградоста на духот.
Сега веќе ја немаат таа самодоверба. Потонати се во страв и во збунетост. И некако идејата за самопроверка им станала уште потуѓа. Кој е современиот облик на нивниот проблем?
Напишав, во книгава, дека подемот на мусолинискиот корпоративизам стана доминантен општествен образец по крајот на Втората светска војна. Подемот на една цивилизација во која обликот е поважен од содржината; цивилизација која го испразнува јавното знаење. Подемот на една религија на менаџеризам кој погрешно се смета за предводништво.
А сепак, денес, како и во минатото, секогаш постои излез. Ни е лесен, не е ни е пријатен. Се работи за содржина пред облик. Се работи за прифаќање на сомнежот.
Дваесет години не се ништо во историјата на еволуцијата, па дури ни на модата. На многу начини, патот од неоправданата самодоверба до збунетоста е еден облик на напредок. Мора едноставно да останеме смирени и да ја бараме невозможната урамнотеженост.

Охрид, Македонија
Јануари, 2015 година
Џон Ралстон Сол

 

Превод од англиски јазик: Игор Поповски

 

 

Галерија од промоцијата на книгата „Несвесна цивилизација“ од Џон Ралстон Сол – претседател на Меѓународниот ПЕН во Скопје.

This post is also available in: English