Минотаур

minotaur

 

Познат глас допре до нејзините уши помеѓу вревата од бледи костуми, метал, бетон, електронски плочи и практични желби. Но кога таа се сврте на платформата, се чинеше дека никој не чекори кон неа. Тоа мора да бил оној одек од многу далеку, од куќите одржувани со помош на семејната тврдоглавост, пеење на молитви со нозете клекнати во правливи должности. Но таа беше таму и сега, на таа станица полна со луѓе кои го чекаат наредниот вагон, да влезат низ наредната врата, седеше и се преправаше дека не го гледа исушениот старец кој не беше доволно брз, наредниот миг станувајќи за да го ослободи седиштето за истиот старец кој веројатно би бил идеализација на мудрите старци, на менталните библиотеки или само на дедо и’, на нејзиното детство. Повторно седна веднаш откако станицата на која се поврзуваат линиите го испразни вагонот. Фигурите околу неа изгледаа тешки и таа им обрнуваше внимание само на дебелите усни кои муабетеа покрај неа, на нечиј здив кој прелетува преку весникот, весник од завчера, забележа таа. Уште една реклама за парфем на наредната станица, веднаш до апелот на невидливото добротворно друштво, на далечина од еден телефонски број. Мало момче, пееше некој во блиското уво, одведи ме одовде.

Откако ќе го следи договорениот пат, откако ќе се сретне со луѓето кои сега ја чекаа неа, ќе може да се врати на местата што беше приморана да ги напушти. А таа замина со убедувањето дека ќе се врати на местото кое и’ беше судено да го насели, на работ на жените и на маргината на мажите. На крајот од денот, ќе може да се наслони на светлината, која ја пропушта сината памучна завеса со школки, ќе може да запишува соништа за далечната иднина, ќе може да се потпре на масата но не премногу, за да не ја загрози рамнотежата, да не ја истури чашата, да не го слушне префрлањето на мајките, грубото шегување на татковците. Таа не може да се врати, сè уште не, на местата од кои што потекнува.

Кое потекло? Тоа допрва требаше да се провери. Но таа ќе се обиде да не ја прекине таа нишка, затоа што секако ќе дојде денот кога ќе треба повторно да ја замотка, и тогаш ќе прелета преку морињата со часови морска болест, сон, регресија назад во излитените слики од нејзиното детство. Но ништо од тоа не беше сегашност, ништо од тоа не беше итно, сега кога редиците патници повторно се збиваа поблиску околу неа, во влажен и непознат здив. Таа мораше да ја следи договорената патека, повеќе пати мораше да ја смени станицата и линијата, мораше да бара можност да ги препознае оние што ги бараше, и кои ја бараа неа со адреса во рацете, испратени од бабите и барајќи од неа да биде преведувач во земјата во која што веќе живееше толку многу години.
Во меѓувреме, времето поминуваше бавно, многу бавно. Колкумина беа, мажите и жените кои ја чекаа, сигурно со некаква препознатлива ткаенина или предмет, обезбеден од страна на заедничките прабаби? Од неа беше побарано да ги следи подземните патеки додека да ги сретне тие имиња, при нивното пристигање во земјата. За нив некои весници пишуваа, но само малкумина знаеја каде би можеле да бидат. Можеби на крајот од тунелите, можеби во ходниците на лавиринтот, можеби при одделението за итни случаи и брутални удари, можеби само таму, на една од станиците на кои што се нудеа износени алишта, кафе и колачи, и привремени вработувања, на кои што се шепотеше за мрачни зделки. А таа ги зборуваше јазиците на оние кои доаѓаа, на земјата која сè уште и’ пружаше засолниште. И тој кревок мост на грлото и на познатите звуци ја наведоа да ризикува да биде ставена покрај ѕидот. Но таа не можеше да не го преземе тој ризик, иако на моменти и’ се чинеше дека ја обзема делириум, поради што треба да се врати во кругот што тукушто го беше напуштила, меѓу топлите ѕидови каде што останатите прославуваа.

Зборови, но таа секогаш се препушташе. А она што таа сега најмногу го посакуваше, беше да се врати назад во просторот, за да не мора да регресира во времето. Да се врати во пристаништето на масата, на добро познатите гласови. Да не мора да трага по несигурните знаци, да се насмевнува со блиски насмевки, да се обиде со неутрална точка во која што јазиците нема да останат заробени во предрасуди, нема да се опуштат во вулгарност. Кајшто сите задачи ќе бидат слободни колку што изгледаше дека е оваа. Но, за сега таа немаше друг избор освен да влезе во возот и да помине низ тунелот, сè додека некој не и’ даде знак однадвор, на некоја станица долж линијата, никој не и’ кажа однапред кој ќе биде сигналот, или никој не знаеше кој ќе биде сигналот кога ја доби пораката и наредбата веднаш да ја спушти слушалката. Најпосле нишката не беше ништо повеќе од растреперена шина, неодредено навестување и несигурен договор, додека не ги препознае без проблем оние со кои што седеше на церемонии пред многу години, а тие церемонии и’ се чинеа многу почудни од бучната просторија што тукушто ја беше напуштила. Само за кратко, им кажа на соседите од масата, на нејзините придружници. Чувајте ми го седиштето. Не дозволувајте да ми ја однесат чашата.

Кажувајќи го тоа, таа знаеше дека кожата ја заштитува, така што да не можат да погодат што е она кое интензивно го посакуваше кога стана, толку силно што ја фрли чашата бело вино, а белото вино брзо исчезна во брчките на масата. Маската на компромис, фантомот на заедница која сакаше да ја замени седиментацијата на познати групи, таа напушти сè и се сомневаше дека тоа ќе биде засекогаш.
Сега имаше чувство дека ја следат, не знаеше колку погледи, затоа што не беа заедно и можеби не се вкрстуваа. Гледаше без да го види ходникот до границата на телата кои поминуваа. Мораше да ја смени линијата и да слезе на наредната станица. Ако допушти да поминат повеќе од два воза на станицата на која што се вкрстуваа линиите, можеби ќе успее да открие кој ја следи. Апсурдно. како може некој да има причина да ја следи, да знае на пример колку јазици зборува, или поради што трча да се сретне со групата?

Немој да се изненадиш ако ги видиш сите како седат на подот, некој и’ беше кажал, но таа не веруваше во она што нејзе и’ звучеше само како подбивање.
Таа излезе од метрото и се искачи по скалите наспроти силниот провев. Се сети дека над излезот има плоштад, дека можеби ја очекува нова сцена, поголемо засолниште од она во кое требаше да се провре, клупа под влажното есенско сонце, цветни патеки, други маси иако осамени, влез во продавница, случајна средба која ќе и’ помогне да ја заборави целта која ја доведе овде. Ја стави раката во џебот за да провери дали сè уште го има ливчето со инструкциите, со некои комплицирани зборови, со имињата на контактите, со лозинката, прикриена помеѓу некои белешки за анодин. Неднаш се насмеа помеѓу луѓето кои брзаа, натоварени со роковници, со безопасни материјали кои ја оправдуваа секојдневната трка низ истите места. Кога барем би можела некаде да седне и да размисли за следните чекори. Имаше чувство дека побарала од сопствената волја да ја изврши таа задача, и сега нејзината сопствена волја ја надминуваше, како апсурдна обврска, која воопшто не се вклопуваше во природното заборавање на светот.

Зошто да следи наредби, знаејќи дека ништо нема да и’ се случи ако не ги изврши и ако само се врати на површината што ја беше напуштила? Уште еднаш ги погледна зелените кожи, торбите полни со покупки. Се сети на други времиња и места, мантии облечени за молитва. Слушна како слатките јазици се испреплетуваат со грубите јазици.

Се нурна во буквите кои беа на клупата пред неа, се нишаше на течната приказна што ја раскажуваа, уште еднаш трепна, изгуби неколку минути, ги сподели најуморните места. Не можеше да продолжи со искушенијата, девијациите, желбите за невозможен заборав во часовите, кои исчезнуваа во сивата почва. Мораше да ја држи нишката, и тогаш конечно ќе можеше да замине, да шпекулира на свежиот воздух за причините кои ги наведуваат историчарите да прават неред во светот со интерпретацијата на нови факти и археолозите да ги комплицираат корените со читањето на нови фрагменти. Откако ќе им се врати на свежиот воздух и на друштвото на останатите покрај масата, повторно ќе може да гестикулира, без да ги одмерува знаците што ги испраќа помеѓу сите тие туѓи јазици.

This post is also available in: English