Магла

nenad-diveristy

 

Скопје. Корегиран дискурс.

Надвор паѓа ситен дожд. Едната половина на градот е под вода, а другата ранета плута по градското езеро. Една птица удира во полуотворената ролетна. Трета за денеска. До мене стои книгата за Бројгел која ја позајмив. Се присетувам на „Падот на Икар“. Чудно е, но не можам да си го споменам Бројгел, а на неговото име како асоцијација да не ми се закачи и Вилијамс.

„ According to Brueghel
when Icarus fell
it was spring. “

Ја барам сликата внатре. Ја нема. Наместо неа гледам во „Ловци во снегот“. Ова е можеби десетти пат како случајно ја гледам. Неколку пати со Оливија, неколку пати сам. Почнувам да верувам дека ми најавува нешто апокалиптично. Зимата можеби. Сеедно…

Дождот престанува. Излегувам надвор. Градот, надвиснат од темни облаци и магла, ги шета своите призраци по немите магливи булевари. Мириса на зима. Леден северен ветар се одбива од зградите. На рабовите на тротоарите набрзина се нафаќа мраз.

Излегувам на  улицата што се спушта стрмно надолу во срцето на градот. Не сум најсигурен каде ќе ме одведе овој пат. Насетувам како низ тешките драперии од смог и магла ме следи глутница уморни и прегладнети кучиња. Треперам од страв и застанувам во место. Кучињата не ме забележуваат низ маглата и ме одменуваат. Забележувам дека ги следат тројца ловџии со пушки. На небото прелетуваат гаврани. Луѓето нишанат и испукуваат неколку куршуми. Еден од куршумите пробива низ стакло. На земјата не паѓа ништо. Мене, за среќа, не ме забележуваат. Решавам да продолжам низ густата магла и да се сокријам на безбедно. Ја наоѓам најблиската продавница и се кријам во неа. Низ излогот гледам како војниците и прегладнетите пци се губат низ маглата. Продавачот лежи мртов. Набрзина се враќам во својот дом.

Гавран, сигурно загубен низ густата магла, удира во прозорецот и полумртов го крши стаклото и влетува во собата. Белина започнува да ја полни внатрешноста. На ногата на гавранот забележувам порака.

Не излегувај надвор, ги сонувам ловците,го задоволуваат гладот, го надјасуваат поразот…

Оливија

Ја заклучувам вратата. Книгата за Бројгел сè уште стои на масата. Во собата се населуваат гаврани. Правам чај и удобно седнувам во фотелјата. Среќен што сум жив. Чекам да се разбуди.

 

 

 

Слика: „Ловци во снегот“. 1565, Виена. Питер Бројгел

This post is also available in: English