Личнос(ТИ)

2.3.licnostTI-COVER

(уметност, огледало, столче, кандидат, свет, лична личност)

Никакви чуда не се случуваат, а сиот живот е еден испит.
Серен Кјеркегор

Уметноста е поим.

Уметноста постои откако постои и човекот, но поимот „уметност или уметничко” со денешната семантичка есенција е релативно модерна концептуализација. [1]

1

Здраво драга…

Кога го отворив пликот не очекував дека ќе биде празен…

Во второто писмо кое ти го испратив случајно заборавив да те прашам од што си болна…

Знам дека ОГЛEДАЛОто беше покриено со бел чаршав кога за прв пат не знаев колку е часот, а времето надвор беше облачно…

Седеше на СТОЛЧЕто кога за прв пат го кажа твоето име, и се каам што не можев да го слушнам, ветерот го прекинуваше твојот глас, а јас мислев дека Ван Гог си го исекол носот…
Мислев дека си во заблуда кога те видов на плакатот до КАНДИДАТ од нашата партија, мислев дека не си од овој СВЕТ, но јасно се гледаше твоето бледо лице…
Извини јас сум бил во заблуда тоа не беше ТИ.

Бев многу напнат кога во Цирих вo 1918 год. во еден манифест напишаа дека мора да те оперираат, за две години подоцна во Берлин да слушнам дека си умрела.
На погребот никој не дојде…

Поточно, немаше погреб, сите ја славевме твојата смрт.

Во твоја чест Маљевиќ наслика црн квадрат, Марина се исече со жилет, Ван Гог се уби, Мунг- крикна, газдата на „кабаре Волтер“ се пропи, Ворхол те продаде, Бојс се намачка со мед, Дишан беше во тоалет па доби чудна идеја…

Не знам зошто, ама после Дишан секогаш кога сум во тоалет ми текнува на тебе.

Ти си многу ЛИЧНА ЛИЧНОСТ но, секогаш доаѓаше преку посредници (други личности) и не можев да те убедам да се дружиме.
Сега те ставив во телевизорот, сега си ТИ од сите Личнос(ТИ) .

Мислам дека е време да почнеме нешто поконкретно…

Јас сé сум спремил, а ТИ…

А ти: Не, Не, НЕ,НЕ , НЕ Нé сум ЈАС – УМЕТНОСТА Е МРТВА !

Извини драга…

Не сакав да те убијам.

ОГЛЕДАЛО

Огледало е површина која правилно ја одбива светлината. [2]

Огледалото честопати се употребува како метафора за уметничкото делување во одреден период. Познати се изреките дека уметноста е огледало на времето, уметноста е огледало на општеcтвото, уметноста е огледало на природата, уметноста е огледало на уметниците, уметноста е огледало… Многу пати се поставува прашањето дали огледалото ја покажува вистината за физичкот свет или тоа е илузија која окото ја восприема како вистина. Огледалото прикажува обратна слика од оригиналот, па од тука, прашање е дали тоа е правиот збор. Во историјата на уметноста и воопшто во историјата на човекот има два концепти – едниот е рационален, а другиот интуитивен, но зедничко кај двата е меѓусебната негација на другоста. После погребот во 1920 година, после сите електро шокови, вештачки дишења, цело време се обидуваме да ја воскреснеме, иако не сме сигурни дека е мртва. Мртва е ајкулата на Дамјан Хрст, но тој вечнo ќе живее со ајкулата и Сачи, вечно како смртта.

2-Историја е убава наука, а особено историјата на уметноста и уметноста е убава, секогаш кога имам време гледам на телевизија. Мона Лиза вечно е модерна, прочитав на интернет. Многу е убав интернетот, сега има сé на гугл, видов ивент од еден уметник што прави уметност со мртви муви. Ептен е откачен. Уметноста е сé, сé може да биде, ми кажа еден ветеринар кој специјализираше на Институтот за естетско обликуване на копита кај домашните животни. Сликата на Доријан Греј сеуште стои покриена наспроти огледалото кое треба да се погледне во огледало за да ја открие вистината за смртта на девојката. Вистинската девојка.

Заедничко на огледалот и уметноста е тоа што и двете работат со светлина, ако се скршат и двете носат несреќа.

  СТОЛЧЕ
3  

                                                Столче е мала столица.


Столица е вид мебел што служи за седење. Столиците имаат потпирач на кој се потпираме кога седиме, некои столици имаат рачки на кој ги ставаме рацете. Столиците најчесто имаат четри ногарки кој го држат седиштето на кое седиме. Без потпирачот (задниот дел) и рачките се вика стол. [3]

Откако го направи Пинокио, столарот седна на столчето да се одмори и заспа. Пикасо сеуште лажеше. Ван Гог наслика столче. На Полок му се истури кантата со боја. Кунс сонуваше еротски сон. Ленин беше нервозен. Дали’ и поклони јајце на Гала. На Ворхол му се смачи од јадење супа па отиде со Баскијат да јаде кавијар. Анштајн свати дека сé е релативно. На Пинокио носот му растеше и растеше, кога го исекоа од него Бојс си направи бастун. Штета што добрата Вила заборавила да го посети Пинокио, се изморила многу со Пепелашка, а волкот веќе беше ја изел Црвенкапа. Кога се разбуди столарот, Пинокио веќе беше изгубен во наративната шума на Умберто Еко, столарот, заплака за своето дело.

Делото е изгубено во шумата и според Умберто Еко тоа е единствениот начин да се пронајде Пинокио. Само ако е отвороно за читање , тогаш делото може да воспостави комуникација со гледачот. Во шумата се сите можности и сите идеи, треба само да се пронајдат. Од друга страна пак Витгенштајн вели;

-7. За она што не може да се зборува, за тоа мора да се молчи. [4]

Естетиката и философијата не треба да се бават со уметноста и уметничите дела, туку треба да внимаваат на “правилната употреба” на зборовите, поимите и „јазичните игри“. Според него уметничкото дело треба најнепосредно да се доживува и искусува преку читање, слушање, гледање и создавање на самото дело.

КАНДИДАТ

(лат. candidatus) 1. тој што е предложен за некоја функција, звање и сл.; 2. тој што се пријавил на некој конкурс, за некоја служба; 3. студент или ученик што се пријавил да полага испит. [5]

Некој ја отвори вратата. Човекот беше сосема чуден. Светлото беше слабо па неможев да му го видам лицето. „Мора да прифатиш“,-ми рече. Јас збунето молчев. Кандид беше оптимист… Кандид не знаше дека Волтер ќе го разочара Лајбниц. Убавицата го чекаше Принцот да и го покаже дворецот. Дворецот беше преубав, но Принцот беше Ѕвер. Убавицата е кандидат за невеста на Ѕверот. Таа треба да заборави на грдото лице од Ѕверот и да ги прифати убавините на дворецот. Пред дворецот е и големиот парк со лавиринтот, кој беше за мене предизвикот да прифатам и реков,- „Да“. Во лавиринтот мислев дека ќе го најдам зајакот. Зајакот кој требаше да го сфати Бојс.

Уметноста е кандидат кој треба да ги реши проблемите и локално и глобално. Треба да ги прочисти и хармонизира. Треба да се имплементира во секој сегмент на човековото егзистирање. Нејзинитот мандат долго се очекуваше и конечно ја доби својата слобода во почетокот на ХХ век. Од почетокот таа вети дека ке се држи до нејзината бескорисна функција. Таа е вистинска убавина не служи никому и не служи за ништо. Бескорисна во смисла да не одлучува, туку само да констатира, единствено само дa се бори помеѓу ЈАС и Светот, Светот кој се труди преку уметноста да ја оправда смислата на своето постоење, постоењето кое ја убива смислата. Кога зборувам за светот, мислам, на светот на уметникот кој постојано се бори против последиците кои одамна ги заборавиле причините на својата глупост.
Загледани во дворецот ја заборавивме убавицата…

Свет

(само едн. – целата материјална стварност, вселена, земјата со сите што суштествуваат на неа) светот е бескраен. [6]

„Живееме во еден свет во кој има сé повеќе информации, а сé помалку смисла.“

Жан Бодријар

Дворецот на Убавицата се наоѓа во Дизниленд, тој дом е симулакрумот кој ја зборува вистинитоста за вистината. Во човековата историја секогаш потрагата по вистината се поистоветува со крајот на животот, овде светот престанува за едно битие. Сé би било бесмислено ако само една состојба или битие престане да постои, па затоа се преорганизираме и се трудиме сите заеднички да ја убиеме вистината за нашето постоење. Ниче е мртов, Бог е мртов, мртва е уметноста. Светот на уметноста постојано е во потрага по својата основа и суштина. Таа е секаде и секогаш присутна постојано ја бара целта на својата функција и секогаш ја наоѓа во ставање крај на една епоха од едно постоење. Нејзината форма и дефиниција секогаш лебди во случајот, во мигот кога ќе се помисли на неа. Таа се создава од желбата за промена на природната естетика и игра. Многу е добра, само има една мана – Многу е корумпирана. Светот на уметничкото постоење го градат колекционерите на уметност. Уметноста се продава и кога е мртва, и кога е ништо, и кога е ѓубре. Постои во музеите, на улиците, на телевизија и на интернет, ја конзумираат и уметниците и пијаниците, научниците, пратениците, учесниците, државниците, предавниците, компјутерџиите, џубреџиите па дури и интелектуалците, демек не сме сите идиоти. Идиотизмот е привилегија во светот на мороните. И што понатаму?

-Уметноста е мудра и кога е мртва, само што во моментов е зафатена, мести фудбалски натпревари, секогаш се интересила за светот на парите.

Убавицата е многу лична ја видов на една реклама, ама не знаев дека била трудна…

Лична Личност
4


Личноста, пак, се дефинира како збир на карактеристики на човекот кои го одредуваат неговото однесување, односно интегрирано и усогласено функционирање на неговите поединечни специфичности. Честопати во секојдневниот живот се употребуваат и поимите човек и индивидуа. [7]

Убавината е во окото на очеводецот. Убавината е одлика на уметноста и уметникот, уметникот како очевидец на естетската природа на природата. Уметноста е дело на човекот и на рацете. Уметноста е тоа што некој свесно го нарекува уметност. Уметникот е човекот кој ја создава уметноста. Човекот е оној кој ја уништува природата. Природата и општеството се местото каде што живее човекот. Времето е облачно па затоа сенките не се појавуваат. Сенките се последица од сонцето. Сонцето е светлина а уметноста работи со светлина и боја која е последица на сонцето. Земјата е топката која е осветлена од сонцето. Топката се почесто е надбљудувана од НЛО (неидентификувани летечки објекти). Окото во триаголник гледа се по тридимензионално. Проблемите ќе ги решат експертите по ум-етнологија кои умеат слободно да ѕидаат праволиниски контури од светот. Светот на уметникот е изолиран случај на Ван Гог кој попусто го бара својот психијатар. Психијатарот е човек кој се грижи за менталното здравје на човекот. Човекот треба да одлучи, дали кога ќе има пари, би купил Мерцедес или BMW за своите потреби за движење од една точка до друга.

Атељето е отворено!

Тоа е бело и сиво, полно и празно, ладно и топло, вистинито и лажно, тоа чека да се возбуди од делото.
Од чекање умрело.

Атељето е простор.

Атељето е соба, со штафелај. На штафелајот има платно. Платното е празно. До штафелајот има палета. До палетата има четки и боја. Бојата се разредува со масло. Во атељето има шкафче со книги. Има и столче. Има и светло и огледало. Таму е и телевизорот. Во телевизорот е девојката. Фустанот е црн а шалчето е црвено. Звукот е мелодичен и тажен. Се е спремно чудото да се случи… возвишениот чин, создавањето на уметничкото дело.

Атељето е сместено во галериски простор и овојпат ја има функцијата на уметничко дело. Делото претставува инсталација со видео перформанс. Инсталцијата претставува две преградени соби преградени во просторот на галеријата. Во едната соба односно влезот, има исишан текст на ѕидот и од неа се влегува во втората просторија што претставува редимејд од предмети и алатки што се потребни за создавање на едно класично сликарско дело. До штафелајот е поставен монитор на кој се емитува снимено видео од перформанс на девојка која пее опера со еден збор – НЕ. Перформансот е снимен во различен простор од просторот што е инсталиран во галеријата. Ѕидовите се бели, атељето е морничаво чисто, нема ни трага од процесот на творење на авторот. Дејството е стопирано, останати се сретствата кои се затекнале пред публиката. Публиката слободно може да се движи низ просторот но на секој предмет има ознаки да не се допира, да не се користи, да не се чита, да не се гледа итн.

„Личнос(ТИ)“ го поставува прашањето за идентитетот на авторот нaспроти делото. Идентитетот на делото наспроти предметите и уметноста. Слободата на изборот како ограничување и можност за одградување од (ТИ).

ТИ наспроти ЈАС.

Единственит проблем на човекот е ЈАС. Слободата може да се постигне само доколку човековата суета се ослободи од ЈАС. Слободата на избор ни е дадедена на сите, а единствената работа што не ограничува е концептуализацијата на ЈАС. ЈАС создавам идеја- звучи многу оганичено.

Уметност

Иако денес под поимот уметност обично се подразбира визуелна уметност, концептот за тоа што е уметност се има менувано постојано низ вековите. Можеби најконцизна дефиниција е најопштата – поимот уметност се однесува на сите креативни човечки дејствија, со исклучок на дејствата директно врзани за опстанок и репродукција. Од поширока перспектива, уметност е едноставно изведен поим за било кој производ на креативен импулс, од кој произлегле сите други човечки активност, како наука преку алхемија, и религија преку шаманизам. Поимот уметност не нуди друга вистинска дефиниција освен оние врзани за културниот, историскиот и географскиот контекст во која таа е применета. [8]

Уметноста е идеја.

Уметноста е потребата за воспоставување на совршен амбиент на човекот. Таа е потреба за пресликување на рајот на земјата, за вметнување на совршеното во распадливото. Без разика на формата дали тоа е уметичко дело, куќа, град или држава. Обидите постојат во скоро сите епохи од цивилизацијата, од првите почетоци на организирање, па се до денешните современи миротворни институции, креативни програми за еколошки чиста животна околина, конзумрање органска здрава храна, превентивна фармакологија, борба против епидемии и супервируси, стратегии за справување со глобални кризи итн.

Сите овие утописки методологии со кои човековата свест е опседната со идеалот за совршен амбиент, е потрагата по изгубениот рај. Оваа потрага е екстремно оптимистичка или екстремно песимистичка бесконечна во толкувањето на терминот апокалипса. Секоја епоха и секој човек го има предвкусот на апокалипсата нешто како предзнаење за конечното спознание. Овој свет и сета негова култура е подготовка за соединување на почетокот и крајот. Апокалипсата е вечноста. Вечноста во ништото или вечноста во Бог. Апокалипсата ја чекаме сите. Таа ќе не доближи и внесе во совршениот амбиент или ќе избрише сè во совршено ништо.

Апокалипс now!

-Редно е да кажеме барем дека знаеме дека Апокалипсата започнала со истерувањето на Адам и Ева од Рајот. Па тогаш, што е во прашање? Кога ќе заврши Апокалипсата? Таа е одамна завршена, само што тоа уште не е објавено во весниците и на телевизија. Нели? Секој breaking news на SNN покажува дека се работи за Апокалипс now! Светот го нема веќе. Ние сме само остатоци од неговите посрани пелени, што сé уште мислат со помошта на последната формула: страдаме значи постоиме! [9]

5

Уметноста е мртва.

Досадна фраза која некои луѓе милуваат да ја употребуваат. Мене лично не ми се допаѓа зборот мртва и не верувам во смртта. Кога погоре спомнав дека ја убив, тоа го признав под принуда. Иако, кога ми падна секирата таа очајно викаше Не. Да ви кажам искрено и онака веќе на ништо не личеше…

Ама мислам дека не е мртва.

 

 

This slideshow requires JavaScript.

 

 

Користена литература:

[1]http://teon.blog.mk/category/%D1%83%D0%BC%D0%B5%D1%82%D0%BD%D0%BE%D1%81%D1%82/page//

[2] http://mk.wikipedia.org/wiki/%D0%9E%D0%B3%D0%BB%D0%B5%D0%B4%D0%B0%D0%BB%D0%BE

[3] http://mk.wikipedia.org/wiki/%D0%A1%D1%82%D0%BE%D0%BB%D0%B8%D1%86%D0%B0

[4] Лудвиг Витгенштајн,”ЛОГИЧКО-ФИЛОЗОФСКИ ТРАКТАТ”Магор,Скопје,2002,стр128

[5] http://www.merriam-webster.com/dictionary/candidate

[6] http://www.makedonski.info/search/%D1%81%D0%B2%D0%B5%D1%82

[7] http://mk.wikipedia.org/wiki/%D0%A3%D0%BC%D0%B5%D1%82%D0%BD%D0%BE%D1%81%D1%82

[8] Љубиша Георгиевски,РЕЧНИК на предрасуди,Скопје,2001.стр.20

This post is also available in: English