Кога ни гореше под нозете

kk-final-3D

 

Книгата Кога ни гореше под нозете е двојазично издание, на оригиналниот, македонски јазик и во превод на руски јазик (превод на Олга Панкина). Таа е придружена со предговор на проф. д-р Ала Шешкен од Москва. Македонското издание на истава книга содржи поговор на проф д-р Наташа Аврамовска и еден автопоетички есеј – предговор на К. Ќулавкова.

Наспроти претходните збирки на Катица Ќулавкова кои имаа извесна доза на ’елитистичка’ поезија, која во себе ја отсликува, интертекстуално и сензибилно, постмодернистичката теориска опседнатост од книжевното и културното наследство, во оваа збирка е направен крупен иновативен исчекор. Оваа книга е драматична во својата дијалогичност, читлива, приемчива, има голем перформативен капацитет, не затоа што е лишена од цитатните слоеви, туку затоа што нејзина доминантна постапка е алузивноста. Имено, преку шокантни визуелни и логички интервенции и пресврти во самите песни се постигнува повеќегласност на поетскиот исказ.

Со оваа книга, посебно со првата нејзина целина („Стапица, од сон во сон“), која функционира и како засебна поетска книга (поема), очигледен е интересот за говорот на сонот (ониричните симболи и наративи). Песните се восприемаат како мали сцени од еден фрагментиран и ритуален театар, од еден обред на соочување со несвесното и ониричкото во коешто се складирале сеќавања на реалноста. Стиховите на Ќулавкова се испишани со нагласено алузивен говор,двојно кодиран говор на сонот и говор на јавето, говор на доживувањето и говор на толкувањето, говор на сликата и говор на стварноста, говор на несвесното и на свесното кај индивидуата. Алузијата е реафирмирана како постапка чијашто реторика не секогаш била на преден план во развојот на поезијата, не затоа што била помалку речита од метафората, туку затоа што преовладувал ставот за поезијата како примарно асоцијативен говор (низ споредби и аналогии). Оваа книга на Ќулавкова ја посведочува конфесионалната и катарсичната функција на лирската поезија.

Таа  содржи неколку тематски кохерентни циклуси – Стапица: од сон во сон, Доме, сладок доме и др. Во песните можат да се детектираат неколку гласови на ликови кои овоплотуваат неколку архетипови: на Таткото, Мајката, Синот, Жената, Мажот, Смртта. Книгата во вториот дел содржи еден циклус нови песни на Ќулавкова пишувани во последниве неколку години, а кои на поетски начин, експресивно и моќно, меморираат некои слики од македонското природно и културно наследство (Дивите коњи на Галичица, Мирисите на Папрадиште, Чистилиште, Дивиот Бог, Исповед, Игра со езерото, Агора Фобија, Кинези Фобија), а градат и некои автобиографски реминисценции во форма на еднаонтологија на суштествувањето.

Кориците се инспирирани од слика на истакнатиот македонски сликар и професор д-р Фехим Хусковиќ.

 

Кога ни гореше под нозете (Катица Ќулавкова)