За време на нашите граѓански војни, Си-Ен-Ен нè прикажа како племиња со компликувани имиња и чудни политички навики. Наспроти ваквата сценографија, стоеја добро воспитаните и кохерентни репортери на Си-Ен-Ен, стегнати во тукушто отпакувани кошули, ставајќи ред во хаосот, објаснувајќи го нередот на едноставен англиски јазик. Имаше ли од тоа некаков резултат? На разни меѓународни конференции западните интелектуалци често со шепотење ме прашуваа: „Што точно се случува таму долу?“ Така, Си-Ен-Ен навистина успеа да разјасни само една работа: дека ние сме неразјасниви. „Воопшто не се заморувајте нив да ги сфатите!“
Ваквата претстава не е фер и ме погаѓа. А знам како реагира мојот ум кога сум погоден. Подготвен сум, што се вели, да изедам кило сол! Тука, ако ми дозволите, би ја сменил „брзината“ и, од мојот есеј, со актавистички глас би заталкал во драмски монолог: „Мислите дека јас сум несфатлив?! Ништо вие уште не сте виделе! Сега ќе ви покажам што е навистина несфатливост! Да, знам дека изигрувам будалетинка јадејќи сол пред вас, додека нишате во неверување со главите. Тоа го правам само за да ве згрозам вас! Да се повредам себеси. Затоа што научив од Достоевски дека единствениот начин на којшто можам да докажам дека сум слободен е да работам против сопствените интереси. Мојата сопруга, протестант, ова никогаш нема да го разбере. Таа одбива ваквото поведение да го прифати како логично човечко однесување. И – јас се согласувам со неа. Но, вака се однесувам само во неразумни ситуации, кога сум ставен под неразумен притисок. Само кога ќе ми згазнете врз жуљ. И сега уште и ми велите дека сум ирационален монструм?! Вие, коишто самите ми ласкавте колку сум великодушен, гостољубив, топол, со големо срце и душевен?! Велите, не ви се допаѓа мојата приказна. Велите дека би требало да ја променам? И дека ако јас не го сторам тоа, тогаш вие тоа ќе го направите за мене? Знаете што? Кој ве ебе! Како ќе ја промените мојата приказна? Со бомбардирања? Со Хашкиот трибунал? Со резолуција на ОН? Со поткупи и уцени? Со театарски фестивали? Не би рекол дека ќе ви успее. Ќе ја променам својата приказна само тогаш кога јас ќе сакам и ако посакам. Мислите дека не сум секси? Па, што! Како што рекол поетот: „Грди сме, но пееме. Е, сега успеавте да ме натерате да излезам на барикади! И, знајте, оваа битка ќе ја тераме во следниот милениум. И во оној по него!“
Назад во есејот! Дозволете ми да расчистиме една работа. Овдека кревам глас против грдите, невидливи маси коишто го создаваат и го одржуваат клишето. Се бунам против јавното мислење кое се создава и владее по крчми и барови. Овдека сигурно не им се обраќам на моите пријатели во Франкфурт, во Стокхолм, во Авињон или во Килбурн, коишто се чувствуваат исто толку фатени во стапица колку и јас. Не им се обраќам на идеалистите коишто се крстеа во Летната школа на Корчула и коишто, во 68-та, ја обожуваа мојата бивша држава. Оние чијшто идеал денеска лежи во парам-парчиња исто толку колку и мојот. Коишто сега гледаат како банките и меѓународните компании ги купуваат и нивните западни влади исто како и нашите. Нивниот и мојот свет се поблиску од кога било порано.
This post is also available in: English