Избор поезија од Наташа Сарџоска

12607243_10207146311207722_578423301_n

 

Кожа

Студ горешт оган в шума
Сирови корки на работ од овој прозорец
Гледам, се втурнувам без да мислам
Во едно зажарено подрачје
Што ме обновува и гори и витка до коски и срж
И вреска без моето име без твоето признавање
Риба од северното море
Ми даваш грст жито и ми плукаш вино в уста
Ти мојот сој, мојот неспокој,
набрекнати голушки
откорнати суви напласти
твоја
кожа
на моите стапала

 

Кукла на конци

Несигурна чекорам на сувиот асфалт
А врескаат диви зајаци потопени во вода што врие
Заклани
Завери
Зборови
Неоткриени
И на секој чекор вдишувам крв за
кревки лисја в јапонска градина усните ми ги милуваат
додека лежам во потокот гола латици блудни цвеќиња пловат во моите коси
јас и ти
Скопје и Токио
Неизмерни чекори на плотта
И пак пиштат тие животни како заборавен лонец вода
За да ти ги измијам нозете за да легнеш под мојата кожа
За да постанам град како и сите оние претходни каде сме чекореле
А не сме знаеле
А не сме се знаеле
Кога вриеле енергиите за нас во нас како здивени зајаци
Заклани но живи во вртоглавата вода
И пискале јазиците на мртвите змејови за ни кажат за да ти кажат
Тука сум
Од секоја аеродромска писта те следам и знам кога ќе го чујам твоето име
Музика е со непознат ритам
Никој не ја знае
Но јас треперам од твојот поглед и занемев кога дојде до мене
И мојата кожа потемнуваше со секое твое здивено чекорење кон моите гради
Набрекнати како испукани усни в зима
Знаев дека сме биле ист град иста сенка ист дожд иста кожа
И дека ноќта пред да те сретнам плачев како дете зашто сите луди планови се урнаа
И пред да влезеш во јапонската градина
Во мене пиштеа сите заклани животни
А јас бесрамно растев занемена
Расчекорена под тебе
Како нов слој тесто плодно жито во твојот шепот здивен
кревок и перверзен
изникнат после плаштовите откорнати на виолетовата страст

 

 

Живо месо

Ги затворам венецијанските кепенци
И орманот со чорапи никогаш до сега толку обични бедни тажни
Одблесоци на овој и секој град
Каде што не сме ние а би можеле
Ах, колку би можеле ама во светот некаква рамнотежа
Треба да има
Крв и вена што пука
И виолините треба да ветуваат мир
Нели?
И глава да наведнеш
Како кога цицаш крв од прст на нож боцнат
Како кога шмукаш
Како кога вадиш нокт од живо месо

 

 

Во еден ист град

Нешто почнуваше да расте да чука
Нејасно и невино
Додека пиевме вино со сосема непознати девојки
И те слушав како во ритамот на некое африканско кандомбе
Се насмевнуваш
Кога ти носат чаша со вино
Се плетам околу еден миг заробен во конфузни јатки
Плукам семе
Бдеам на секоја мугра за да ги насетам твоите удари
На срце
Зарем може некој да стравува да ја бара ноќта за да ја отфрли?
Зарем не беа доволни синоличките грст набрани со утринска роса
И лудата непокорност?
Да заминам не можам
Одам кон тебе и не знам кога завршува оваа патека
Само знам дека боровинки ми течат во вените и
црна плунка извивам
пајажина
плашт
кајчиња
ветуваат
дека кога не си тука
си најприсутен
и дека најмногу боли
твојата тишина
побучна од чаши црн чај што одблеснуваат од мојот бел ѕид
ти си во моите голушки риби школки меѓу заби заглавени
ти си темно семе на нечии потпетици
хотелски портир што ги знае сите мои тајни
чуден ангел што не зборува а кажува
дека на оваа почва врие нечија крв

 

Автор на фотографијата: Ања Илиева

 

 

This post is also available in: English