ДВЕ ГРОБИШТА
Денес минав покрај две гробишта.
Едното зрачеше студенило под зажареното сонце
и со сите свои дрвени крстови велеше: Не!
Другото преку јаворите со илјадници дланки
и песната на птиците го фалеше својот светнат мермер.
Не бев сигурен. И за двете имаше што да се каже.
Ниту умрените не можеа многу да ми помогнат,
оние заборавени поети и професори по хемија,
чија извежбана сериозност ме збунуваше.
И тогаш го почувствував моливот во џебот од јакната,
мојот сопатник, се почувствував мал и исчезнав.
ЗАБРАНЕТО НАВАЛУВАЊЕ
И последниот воз е преполн,
чиниш луѓето мора да побегнат.
Кондуктерот замолува да помине.
Благодарам, вели, благодарам, благодарам
сите пред него се сега исти.
Надвор, селата се редат пред патот
и ги повлекуваат и животните со себе.
Со нас патува и еден ветер
во потрага по оган.
Маж стои пред отворениот прозорец
и пуши. Го слуша огромниот хор
кој без престан вежба во темницата.
Благодарам, благодарам, благодарам многу.
ХОТЕЛ
Хотелот е затворен, јас сум
последниот гостин. Понекогаш доаѓаат и
птици, се слуша како тивко потскокнуваат
по ќерамидите на покривот.
Моето заминување секој ден се одложува
и се претвора во сè подолг престој.
Зградата има пукнатини, предупреден си
да не влегуваш. Утре ќе се преселам
во подрумот, кај резервите.
Кога ништо не ти следува,
можеш уште долго да издржиш.
ИЗБРКАНИТЕ ПТИЦИ
Премногу студена беше куќата,
мојот сон лесен како здив
не можеше да ги загрее покривните греди.
Извеслав преку езерото
со последните птици –
нив ги избрка молчењето.
ПОСЕТА НА ГРОБОТ
Еден гроб е отворен, со двете нозе
работниците стојат во дупката, гледајќи
од длабочината кон мене. Пополека
скриеното станува видливо, извадено на светлина
од црвените дланки. Згрутчена земја, полжави,
дрво и неколку коски, ништо, што би
можело да нè исплаши. Очекував ли повеќе?
Како дете сакав да знам што сè
исчезнува со мртвите и никогаш повеќе не
се појавува, светите нешта на животот.
Продолжувам да одам, мојата сенка
самата трага по другите мртви,
како месечар балансира
по зелениот раб меѓу гробиштата.
ЗА СОСТОЈБАТА
Така како што се одвиваат работите
дојдено е времето да се направат планови
за годината и онаа пред неа.
Мора да се прочита книга,
да се намали квотата за сочувство.
Не сакаме да умреме од заблуда,
велиме и одобруваме со главите.
Нашите стравови се недоразбирања,
така е, велат другите.
Што е така? В темница го пребаруваме
во старите речници
прецизното значење на среќата.
ПО ПРОШЕТКАТА
Набројуваме што сме виделе:
кучиња; стари луѓе; поток без вода;
црква што жестоко се бори за здив.
Бестрашни птици, зафатени со некаква трагедија,
скриена од погледот. Недоразвиена пеперутка
која сигурно е веќе мртва.
Заборавив за што зборувавме.
Не беше за уметноста.
ЕДИНАЕСЕТТАТА ЗАПОВЕД
Немој да
умреш,
Те молам.
Препев од германски Ксенија Чочкова
Автор на фотографијата „Избрканите луѓе“ : Магдалена Делкова
This post is also available in: English