Работилницата Подигри доживеа две изданиа во Скопје, а веќе се планира и третото издание.
Работилницата Подигри е целодневна сеанса за возрасни на која преку психолошки, театарски и танцови вежби, учесниците поминуваат преку откривање и осознавање на дел од своите подличности и се охрабрени да ги одиграат онака како што тие најблиску ги чувствуваат.
Кои се улогите што ги играме во нашиот живот, поттикнати од гласовите на нашите подличности?
Но, што се подличности?
Наједноставно објаснето, подличностите, кои ги има секоја личност и сите се разликуваат индивидуално, се различните гласови во сопствената психа кои често се борат за превласт. Секоја подличност е организирана околу некоја желба на целокупната личност. За да постигне личноста подобра интеграција, потребно е да ги истражи, открие и подобро да ги запознае своите гласови и на секој од нив да му даде индивидуално значење.
Го имав задоволството да присуствувам на оваа прекрасна работилница Подигри којашто е прва од низата работилници за себеистражување и осознавање преку артистички форми, како дел од низата викенд-проекти на Ars Locus, за вонинституционална имплементација на уметничко и слободоумно образование во воспитание т.е. преку ИГРА до осознавање!
Преку користените психолошки вежби под менторство на Ирина Николовска – дипломиран психолог и eдукант за гешталт терапевт, учесниците имаа можност да бидат свесни во откривање, освестување и осознавање на подличностите, што е прилично позитивно изненадување.
Ивана Атанасова – дипломиран актер, преку театарот, користејќи една специфична форма на изразување, со слобода на импровизација, commedia dell’arte, им даде улога на веќе осознаените ПОДЛИЧНОСТИ и ги предизвика да се одиграат.
Танцот тежнее да допре до освестувањето, да ги скрши границите во просторот и повторно, да ги спои во едно – тело и ум, се разбира со помош на извонредната Вилма Самарџија – балетски играч.
Методите коишто беа користени за време на работилницата, му овозможија на секој поединечно да биде предизвикан да ги обликува сопствените чувства, да ја оживее фантазијата, да се препушти на изненадните ситуации и да им пркоси на очекуваните краеви.
Овие експресивни работилници имаат за цел да допрат до поими како ослободување, самоекспресија, себеексплорација итн. користејќи ја разноликоста на разни уметнички форми како медиум.
This post is also available in: English