„Вторник, 11 октомври
Излегов на малата ниска тераса од куќата и гледав надвор во пространоста на пределот и во светлината на денот. Во дворот со трева, Јане и Оги играа бадмингтон. Јас ја подавав главата, надушував и правев претпазливи чекори напред и одново застанував. Еднаш госпоѓата Сандра рече дека мачките биле многу храбри. Јас ќе ви кажам дека е тоа сигурно точно кога ние треба да си го спасиме животот или, на пример, не дај боже да требаше мајка ми Маша да нè одбрани нас малечките – мене, Аљоша и Азра, а инаку сме внимателни и не се втурнуваме непотребно во опасност. Непознатото треба да се испита и да се запознае. Тоа е како ние се однесуваме. Затоа јас сега внимателно му се приближував на светот надвор, а знам, Сандра сето време, иако нешто постојано работеше, сетики мислеше дека јас би можела да излезам и да се загубам…
Пред мене беше огромниот празен и светол предел на Сарајаново, не начичкан со високи згради меѓу кои одвај може да се види парче двор, како во градот. Овде имаше големи ледини кои почнуваа уште од дворот, потоа некоја меѓа, па пак нива, па каменен ѕид, големи дрвја, како оној орев на аголот од дворот од куќата на моите господари, натаму во далечината високи тополи што стигнуваат до небото.
Вие забележувате дека јас по малку се изразувам поетски, но тоа е заради инспирацијата што ја почувствував денес. Така напати во својот дневник пишува и Оги, па и оттаму, скришум, имам научено. Кога првпат стапнав на тревата во дворот, бидејќи ненавикната, тоа беше како кога би се одело бос по трње.
„Еј, види ја колку елегантно гази Ања“, ја слушнав како се шегува Оги додека се наведнуваше да го земе паднатото топче и да го удри кон Јанета со малиот рекет.
„Ни ти не си подобра“, рече од своја страна Јане.
Јас навистина внимателно се движев, по малку смешно, елегантно, како што велеше Оги, зашто бев ненавикната. Перничињата на моите шепи се нежни, зашто досега газев само на килимите и на фотелјите во станот. Ги одбирав и мирисите, зашто меѓу нив имаше за мене многу нови. Одбирав и шумови, стрелнував со ушите и застанував вкопана в место. Но на првиот поголем шум, морам да признам, ја спраштив право кон куќата. Тогаш госпоѓата Сандра ја растегна устата во задоволна смеа и повеќе не се плашеше дека можеби би можела да се загубам.
Ние мачките навистина се врзуваме за едно место, најмногу го сакаме и најсигурно се чувствуваме на тоа место, но еве вака овде во Сарајаново, бидејќи заедно со моите господари, јас веќе постепено се чувствувам сигурна. Одам низ дворот, па и подалеку, и се враќам.
Но, што зборувам јас? Подобро да не расправам за себе и така за нас мачките се зборува како за егоцентрични суштества, туку да раскажам како изгледа пределот наоколу со куќата на Сандра и Коста и со небото надвиснато над нас.
Првин, изгледа дека селото е големо и распрснато, составено, како што бев слушнала во некоја пригода од Оги, од девет маала. На југ од дворот, во далечината, се гледа онаа голема планина пошумена до подолу од врвовите, со боја темносина. Ја викаат Пелистер. Долу лево на исток, пределот постепено се спушта и влегува во некоја клисура. Пред клисурата се гледа купче куќи, мало село. Пред куќата напред на запад, на две-триста метри, има некоја не многу голема река, чиј шум го наслушнувам од пред куќата, но сè уште не ја имам видено. Преку реката пак, почнува едно друго маало со куќи, а натаму, по една пауза од благо искачување, почнува западната планина, која сега, од далечинава, изгледа малку, сосем малку зажолтеана. Таму во далечината, планината оцртува раб од каде што натаму почнува некој друг предел, друг свет, непознат за мене.
Тука блиску, на оревот на аголот од дворот, едно време чувме чудно цивкање. Јане и Оги ги кренаа погледите, стоејќи со рекетите в раце и видоа две верверици. И јас ги видов. Огромни, кренати, растресени опашки. Се движеа како секавици. Јане и Оги стрчаа.
„Верверици!“, извикаа.
Дој.“
This post is also available in: English