Беи Дао е добитник на „Златен венец“ на Струшките вечери на поезија за 2015 година. Тој е јубилејниот 50-ти добитник на најзначајното светско признание за поезија.
ГРАНИЦA
Сакам да одам од другата страна на реката
Водата ја промени бојата на небото,
и ме промени мене
Пловам
додека мојата сенка стои на брегот
како дрво удрено од молња
Сакам да одам од другата страна на реката
Меѓу дрвјата од другата страна
осамен гулаб се исплаши
и полета кон мене
Препев: Никола Маџиров
За Т. Транстромер
го земаш последниот стих од песната и
го заклучуваш в срце — тој е средиште на твојата тежа
средиште на тежата од црквата што се ниша сред
ѕвонот од камбаните
што танцува со безглавите ангели
ти ја одржуваш својата рамнотежа
твоето пијано е на врвот од карпите
публиката се граба за него и го држи цврсто
судир на громови, лет на виолински клучови
се прашуваш како ноќниот воз
ја пристигнува утрешната темнина
оставајќи ја својата сина станична зграда
му пркосиш на дождот да би собрал габи
сонце и месечина, шумски сигнални светилки
зад седумгодишната ѕуница
издржливата толпа носи автомобили како маски
Препев: Зоран Анчевски
РЕКВИЕМ
За Шаншан
Далгата на таа година
го поплави песокот во огледалото
да си загубен е небаре да заминеш
а значењето на заминувањето
е миг кога сите јазици
се како сенки што паѓаат од запад
животот е само ветување
та по него ти не жали
пред градината да ја запустат
имавме премногу време да расправаме
за последиците од летот на птицата
и потем да чукнеме на полноќната порта
осамен како болскотно чкорче светлина
кога тунелот на детството
води кон вена од нејасна рудна дага
да си загубен е небаре да заминеш
а поезијата што го исправа животот
го исправа ехото на поезијата
Препев: Зоран Анчевски
Автор на фотографијата: Катица Ќулавкова
This post is also available in: English